Екс – министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески е вратен во затворот Шутка. Тој претходно беше однесен на преглед во градската болница “8 Септември” по инцидентот во затворот во кој беше нападнат. Дека Јанакиески е во Шутка потврди и директорот на затворот Ѓоко Котевски.

Тој беше превезен во Градската болница, бидејќи се жалел на болки. Ексминистерот Спиро Ристовски не се пожалил на болки, па затоа не бил испратен на прегледи во болница. Според Котевски инцидентите во кои учествувале Јанакиески и Ристовски биле одделни, а органите ќе утврдуваат како настанале.

Денеска се случија два немили настани. Околу 13 часот дошло до инцидент помеѓу С.П и Л.Р., кој од вербална расправија, завршил во лесна физичка повреда. По ова, околу 14:40 часот се случил уште еден инцидент помеѓу притворениот М.Ј. и Е.К. кога дошло до физичка пресметка. По инцидентите, земени се писмени изјави и известен е надлежниот суд. Притворените лица кои биле нападнати однесени се на лекарски преглед и им е пружена соодветна лекарска грижа, а М.Ј. која се пожалил на болки, упатен е со потврда на судија на претходна постапка во болница. Скршеници нема, има само нагмечувања. Насилството нема да се толерира и затворот ги презема сите активности за да се постапува професионално. Нашата управа уште вечерва ќе почне истрага, и ако се утврди биле каков пропуст кај вработени од затворската полиција, тогаш ќе следува и дисциплинска постапка. Ги погледнав изјавите на сопругите на нападнатите притворени и жалам за настанот, но тоа се два одделни настани и не се во исти момент. Ги отфрлам сите тие изјави дека овие лица не се безбедни при престојот овде. Ние како управа немавме индиции дека ќе се случи ваков настан, а едното лице беше во Истражниот затвор и пред некое време, и ништо не му се случи, изјави Котевски.