Сите опции се на маса, меѓу кои и формирањето ново политичко движење, вели во изјава за „360 степени“ Изет Меџити од „огнената група“ на ДУИ.

Според него, целиот избор на внатрепартиски избори, кои вчера ги спроведе Демократската унија за интеграција, е нестатутарен и организиран под диктат. Еден член, еден глас, не постои во Статутот на партијата, додава Меџити.

-Првично, целиов овој процес на внатрепартиски избори е нестатутарен и организиран под диктат. Следствено, како-таков беше крајно исклучувачки кон членовите кои беа основачи на ДУИ и 20 години беа активни и заслужни за победите на ДУИ само затоа што го поддржуваат различното мислење, односно затоа што беа против Артан Груби“, оценува Меџити, кој е поранешен градоначалник на Чаир и поранешен висок функционер во ДУИ, а во последниве години еден од лидерите на фракцијата која пред сè бара Али Ахмети да го отстрани Артан Груби од врвот на партијата.

На нашето прашање кои се чекорите што во иднина ќе ги преземат членовите на фракцијата на ДУИ и дали можеби меѓу нив е и формирање нова партија, Меџите вели дека сите опции се на маса.

-Со ваквиот начин на организирање внатрепартиски избори, кои подразбираат и формално наше исклучување од партијата, веќе се исцрпени сите можни опции за функционирање внатре во партијата и вистина е дека искреното членство кое нè поддржува и кое е во огромен број бара рефлектирање и дејствување, при што сите опции се на маса, меѓу кои и формирање ново политичко движење, посочува Меџити.