Датумот за Парламентарните избори 2020 ќе биде одреден по завршување на вонредбата состојба и уредбата со законски сила што тогаш треба да ја донесе техничката Влада, предводена од Оливер Спасовски.
Државната изборна комисија (ДИК) вчера донесе заклучок за запирање на дејствијата за предвремените парламентарни избори што требаше да се одржат на 12 април постапувајќи по Уредбата со законска сила што ден претходно ја донесе Владата на Република Северна Македонија. Оваа одлука Владата ја донесе заради вонредната состојба прогласена за ефикасно спречување на внесување и ширење на коронавирус Ковид-19, и заради тоа што Собранието на Република Северна Македонија не се состанува за да ја поништи одлуката за распуштање.
– Се запираат сите понатамошни дејствија и активности на Општинските изборни комисии. Сите изборни дејствија кои се преземени до 22 март 2020 се сметаат за важечки. Сите преостанати дејствија што произлегуваат од Изборниот законик ќе бидат предвидени во ревидираниот роковник што ДИК ќе го донесе веднаш по укинувањето на вонредната состојба со донесувањето на нова уредба на Владата за продолжување на изборниот процес, рече претседателот на ДИК Оливер Деркоски предлагајќи го заклучокот.
ДИК е задолжена да ја чува и обезбедува изборната документација до спроведување на изборните дејствија и изборите и веднаш по изменетата ситуација, односно по носењето на новата уредба на Владата за продолжување на изборните дејствија ќе мора да донесе ревидиран роковник за изборите. ДИК во рок од еден ден од денот на престанок на вонредната состојба, според Уредбата на Владата, на својата веб страница треба да објави ревидиран роковник за продолжување на изборните дејствија.
– Ова, пред се, се однесува на Избирачкиот список, дејствијата што се поврзани со него, увидот, заклучувањето на Избирачкиот список и друго, информираше Деркоски.
Comments are closed for this post.