По веста дека уставните судии сами си изгласале додатоци за плата преку измени во Деловникот за работа и притоа заобиколувајќи го Собранието, претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата Билјана Ивановска денеска кажа дека нешто што треба да се уреди со закон не можат судиите да го направат преку Деловникот за работа.
„Она што сега можам првично можам да кажам е согледување на фактите. Факт е дека треба закон за работење на Уставниот суд. Факт е дека Уставниот суд работи по Деловник од 1991 или 1992 година, многу стар. Факт е дека неодамна, при крајот на октомври, Уставниот суд го променил Деловникот, земајќи одредби од Законот за судовите додал тука уште една одредба со која се дефинираат овие права. Но, факт е дека во Уставот стои дека со Деловникот на Уставниот суд се уредува начинот на постапување со нивните предмети, а не се уредуваат правата за нивен посебен додаток. Не може со Деловник да се уредува нешто што треба да се уреди со закон“, рече Ивановска на денешната прес-конференција и најави дека ќе ја разгледаат оваа интерна одлука на уставните судии.
Comments are closed for this post.