Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по повод одбележувањето на државниот празник 23 Oктомври – Денот на Mакедонската револуционерна борба, упати честитка до граѓаните на Република Македонија.
Највозвишена цел на еден народ е да создаде своја држава. Само оние народи кои формирале своја држава ја реализирале слободата со тоа што станале самодоволни. 23 Октомври 1893 година е клучен момент во македонската револуционерна борба за остварување на таа возвишена цел. Пред точно 125 години неколкумина храбри Македонци го формираа Македонскиот револуционерен комитет кој на народот му даде надеж дека со свои сопствени сили може да биде свој на своето. Неброени македонски патриоти ги положија своите животи за остварување на овој идеал, пишува Иванов во честитката.
Денес, како што додава тој нивниот сон за слободна и независна Македонија е реалност. Но, слободата не се освојува еднаш засекогаш, туку секој ден и постојано. Затоа, обврска на нашата генерација е да не дозволиме нашата слободна и независна држава Република Македонија да биде обезличена.
Осврнувајќи се на 30 октомври на исходот од референдумот тој вели дека народот со негласање јасно се изјаснил против избрзани, наметнати и штетни решенија донесени без претходно постигнат национален консензус.
На референдумот народот ја изрази својата суверена волја и недвосмислено го отфрли Договорот од Преспа. Собранието на Република Македонија тоа мораше да го земе предвид, но мнозинството народни избраници постапија спротивно на волјата на народот.
Претседателот Иванов вели дека е потребна е храброст за да се истрае во остварувањето на правото на самоопределување и зачувување на суверенитетот и независноста на државата.
Храброст што им овозможи на македонските револуционери и борци да го остварат својот сон. Народот секогаш ги слави храбрите, а историјата ги презира страшливите и поткупливите. Без почит кон минатото, без свој идентитет и самосвест ниту има просперитетна сегашност, ниту ќе има подобра иднина. Секоја генерација има своја борба и свој стремеж. Нашиот стремеж е кон подобар и подостоинствен живот, тука, во Република Македонија, додава Иванов во честитка.
Затоа,тој заклучува, да не ја губиме надежта и љубовта кон Република Македонија, бидејќи само како суверена и независна држава таа ќе биде заштитник на нашата слобода и нашето човечко достоинство.
Нека ни е за многу години Денот на македонската револуционерна борба.Да живее Република Македонија!, пишува Иванов.
Comments are closed for this post.