Иван Илчев од бугарскиот дел на заедничката комисија со Македонија за историски и образовни прашања манипулира и договор околу цар Самоил се уште нема, велат за Пресинг Тв извори од македонската комисија. А, тоа го потврдуваат со фактот дека токму името на Самоил беше и еден од поводите за жестоките реакции на бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачанов.
Поранешниот ректор на софискиот унивезритет „Свети Климент Охридски“, велат нашите извори, воопшто не ни присуствувал на средбата во Скопје и на последната во Софија. Илчев за бугарски „Труд“ изјави дека е „постигнат компромис за цар Самоил-македонската страна призна дека тој припаѓа на бугарската владетелска традиција и е владетел на Бугарија, во која во тоа време влегува и современа Македонија“.
Илчев за весникот ја објасни и одлуката за заедничко одбележување на годишнината на Григор Прличев, „за кој во аргументацијата се вели дека тој е бугарски учител, како и дека тој со своето творештво стои во основата на културата на современа Македонија“. Спор избил за некои од имињата на тракиските племиња, прецизира Илчев.
Меѓутоа, токму фактот дека бугарскиот историчар користи термин годишнина, што ќе рече еднина, исто така го потврдува неговото отсуство од седницата. Зашто, станува збор за јубилејни годишнини, значи множина. Тука тој избегнува да спомене дека македонските историчари настојувале одбележувањето на името на Григор Прличев да биде трилатерално, па дури и четирилатерално. Односно, на свеченостите да присуствуваат и претставници на Грција, па и на Албанија. Зашто, Прличев сепак е лик за кој има простор за такво нешто, бидејќи на своевиден начин претставува сублимат на балканското културно наследство. Тој бил хеленски воспитаник прогласен за нов Хомер, професорувал и творел во Тирана, во Софија и, се разбира, во Македонија.
Сето ова, според нашите извори, претставува еден вид игри на нерви пред закажаната заедничка седница на владите на Македонија и Бугарија. На неа, како што се најавува, треба да стане збор и за работата на заедничката мешовита комисија за историјата и учебниците. Останува нејасно дали притоа ќе биде дозволено политиката да изврши некаков притисок врз науката.
Изјавите на Каракачанов, пак, предизвика реакција и на поранешниот бугарски амбасадор во Скопје, Александар Јорданов.
Мене веќе ми се смачи од политичари кои во Бугарија наутро зборуваат едно, а попладне спротивното. Пример за тоа е токму со Красимир Каракачанов, кој во јуни изјави дека „ја признавме земјата со тоа име, го признавме и македонскиот јазик“, изјави тој за bTV.
Јорданов потсети дека Каракачанов, како министер за одбрана, на 16 септември беше во посета на Скопје и притоа допушти неговиот говор да се преведува на македонски јазик. Екс-мбасадорот смета дека Каракачанов прави обид да се наметне како партиски лидер (на ВМРО-БНД), заборавајќи дека тој е вицепремиер на држава и министер за одбрана, кој кренал рака и гласал за бугарско-македонскиот договор.
И најмалку на него му личи да се прави изненаден од тоа што овој договор претпоставува различно толкување во двете земји, вели тој.
Јорданов вели дека со тоа Каракачанов ги поддржува тезите дека Москва преку него го попречува членството на Македонија во ЕУ…
Comments are closed for this post.