По завршувањето на Втората светска војна, со Парискиот договор, поради окупацијата на Грција и Кралството Југославија, Бугарија била обврзана да им исплати репарации во висина од 45 тогашни американски долари.

Според текст на македонската редакција на Дојче веле насловен „Бугарски репарации за Македонија и Грција?“ и објавен во 2015 година, наведената сума во денешни услови (2015 г. н.з.) би изнесувала околу 500 милиони долари.

Но, со договор меѓу Тито и Димитров, на Бугарија и се простени репарациите кон Југославија, што значи и кон Србија и Република Македонија.

Како дошло до тоа може да се види од записникот од седницата на делегациите на Бугарија и Југославија, предводени од Јосип Броз и Георги Димитров, одржана на Блед на 30 јули 1947 година на која е подготвуван познатиот Бледски договор.

Записникот е објавен во првиот од трите тома насловени како „Архив на Јосип Броз Тито-Документи за Македонија, 1943-1953 година“, што ги подготви проф.д-р Новица Велјановски, а ги издаде Државниот архив на Република Македонија.

На состанокот во Блед, репарациите биле осма и последна точка од дневниот ред и делот од записникот го пренесуваме во целост.

„Осмата точка од дневниот ред:

ПРАШАЊЕТО НА РЕПАРАЦИИТЕ

Маршал Тито: Треба да претресеме уште едно прашање, а тоа е прашањето на репарациите. Ние веќе изјавивме дека за тоа прашање ќе издадеме една декларација за откажување и ние остануваме на тоа. Ние за тоа молчевме затоа што мислевме дека тоа би можело да ни пречи во расправата за репарациите од Германија и Италија. Со Бугарија, се разбира, е сосема друга работа, со неа имаме економска, политичка и културна соработка и ние тука се откажуваме. Кај Италија, Германија и Австрија не можеме. Унгарците веќе ни плаќаат.

Димитров: Јас мислам дека е момент да се даде ваква декларација во врска со нашиот пат ваму.

Маршал Тито: Нека се стлизира ваква декларација, ние ќе ја објавиме.

Стефанов: В. Белешките на Банчев (отпр.:Јас сакам да објаснам дека тоа не се однесува на обврските, што ги примивме. Остануваат уште неколку стотини милиони.

Во врска со ова прашање е решено декларацијата за откажување од репарациите во протоколот само да се назначи, а посебно да се обработи.

Димитров: Декларацијата на нашите народи ќе им објасни за што станува збор. Тоа ќе биде удар против реакцијата во Бугарија и има посебно значење.

Бидејќи уште еднаш е прегледан списокот на комисиите, седницата е завршена малку пред 21 часот“.

Ете како било околу некои работи, што треба да се паметат. Но, паднаа снегови и ги покрија трагите. Тито за Бугарската политичка елита е „диктатор“, а Димитров најголем предавник на бугарската национална кауза.

Соседна Грција, кога станува збор за повоените репарации, до ден денес има спор со Германија и од политички причини го актуелизира од време на време. така беше и пред почетокот на последната финансиска криза од пред само неколку години, кога одделни политички грчки структури јавно побараа од Германија исплата на репарации од 1,3 милијарди евра.

Во името на добрососедството и пријателството меѓу комујнистичките/социјалистичките Југославија и Бугарија, во чии рамки влегувало и признавањето на македонското малцинство во Пиринска Македонија, Бугарија не го исплатила својот долг спрема Југославија.

Сега, во името на ново „некомунистичко/социјалистичко добрососедство“ меѓу Бугарија и Република Македонија, бугарската страна настапува од максималистички и уценувачки позиции, злоупотребувајќи го членството во Европската Унија. Погазувајќи ги нејзините основни вредности и принципи ќе ни ги одредува и „корените“.