Специјалното јавно обвинителство засега нема да бара притвор за поранешниот прв човек на УБК, Сашо Мијалков, за други предмети, а неговото синоќешно притворање се должи само за обвинението за „Таргет-Тврдина“. Но, ако се види образложението на судот за мерката притвор, ќе може да се забележи дека „Таргет-Тврдина“ во многу мириса на случајот „Империја“.

Ако ова образложение на судот се спореди со образложенијата за одредување на мерката притвор на поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и екс-генералниот секретар на Владата, Кирил Божиновски, можат да се воочат одредени разлики. Основна е што во овие се споменува службена белешка на УБК класифицирана како „строго доверливо“ и присуство на наводен посредник со шефот на државата Ѓорге Иванов, а во тоа за Мијалков е присутна Управата за финансиско разузнавање.

И токму врз известување од оваа институција е предложен притворот за поранешниот прв човек на УБК. Што ќе рече дека за Мијалков биле „кобни“ неговите пари, фирми и имот, што тој и неговото семејство ги поседува во земјава и во Чешка. Можноста за нивно продавање и лагодно живеење надвор за СЈО и судот, по бегството на поранешниот премиер Никола Груевски во Будимпешта и добивањето политички азил во Унгарија, биле најсилните аргументи за нивната нова мерка за претпазливост. Иако е крајно дискутабилно дали продажбата на толкав имот може да се одвива толку лесно и брзо, настрана што ако станувало збор за вистинска намера за бегство, тоа можело досега и да се случи.

Оттука и сомнежите дека споменувањето на 8 милиони евра на име на правно лице во образложението повеќе мириса на случајот „Империја“, отколку на „Таргет-Тврдина“.

„Замената“ на УБК со Управата за финансиско разузнавање, пак, може да се протолкува и како признание на СЈО, па и на УБК дека претседателот на државата со право барал објаснувања за тоа врз која основа се следи и прислушува неговиот кабинет. Чудно е како тоа за Јанакиески и Божиновски да биде ангажирана тајната полиција, а за нејзиниот доскорешен директор „само„ Управата за финансиско разузнавање!

Адвокатот на Мијалков, Антониот Апостолски, утринава изјави дека денеска го добил образложението на судот за одредената мерка притвор, а во текот на денот се очекува да поднесе и жалба.