Определените гласачи на наредните избори својот глас ќе ѝ го доверат на партијата која ја предводи опозицијата, ВМРО-ДПМНЕ, покажува новото мерење на јавното мислење.

ВМРО-ДПМНЕ е во убедливо водство со двојно повисок рејтинг од владејачката СДСМ. 22% од испитаниците се определиле за партијата што ја предводи Христијан Мицкоски, а само 11,5% за партијата на чело со Димитар Ковачевски. ДУИ се уште е најпопуларна албанска партија, за интегративците на Али Ахмети би гласале 9,2 отсто. Левица ужива доверба од 5 %, Алијанса за Албанците 3,5 отсто…, покажуваат резултатите на анкетата на МКД.мк спроведена од агенцијата Маркет вижн од 5 до 16 јуни.

Споредено со февруарската анкета, ВМРО-ДПМНЕ бележи раст за нешто повеќе од еден процент, СДСМ пад за 0,9%.


Двојно повисока е и довербата на гласачите во политиките на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски наспрроти довербата во политиките на актуелниот премиер и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски.

Во анкетата на МКД.мк, од оние кои се изјасниле во Христијан Мицкоски веруваат 12%, а во Димитар Ковачевски 6,1%. Во Али Ахмети свој лидер гледаат 5,9% од гласачите, во Димитар Апасиев 3,7%, а во Никола Груевски 2,9%.

Приближно две третини или 60,9% од испитаниците немаат доверба во ниту еден лидер на политичка партија на македонската политичка сцена.

м

Интересно е и тоа што поранешниот лидер на Алијанса за Албанците Зијадин Села има поголем рејтинг (1,2%) од актуелниот претседател на партијата Арбен Таравари (0,9%). Освен тоа, на оваа анкета за првпат се појавува и името на Максим Димитровски (1,0%), градоначалник на Куманово кој најавува основање на ново политичко движење.

Ако се соберат процентите на популарноста на партиите на Албанците во Македонија (ДУИ, Алијанса за Албанците, Беса, Алтернатива и ДПА) таа бројка е многу поголема од рејтингот на СДСМ (16:11).

Повеќе од половина или 56,8% од испитаниците би излегле да гласаат доколку утре се одржат избори.

Дали според вас формирањето на коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ би било добро за Македонија и дали мислите дека коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ би можела да функционира успешно?

Половина од испитаниците или 51,9% сметаат дека формирање на коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ би било добро за Македонија, додека само 30,7% веруваат дека истата би можела да функционира успешно.

За гласачите на ВМРО-ДПМНЕ, најмалку прифатлива опција е коалицијата на нивната партија со ДУИ, при што дури 70,7% се изјасниле против оваа можност.

Според етничката припадност за ВМРО-ДПМНЕ освен Македонците би гласале и Србите и Турците и Ромите и Власите…, но не и Албанциуте.

За СДСМ освен Македонците, би гласале и Албанци и Роми и Срби и Турци.

Анкетирањето беше спроведено од 5 до 16 јуни 2023 година со употреба на CATI метода – телефонско анкетирање со помош на компјутер на примерок од 1.200 испитаници со ниво на статистичка грешка од 3% и интервал на доверба од 95%. Примерокот е репрезентативен на ниво на Македонија според регион, пол, возраст и етничка припадност според податоците за резидентното население од пописот 2021 година.