И 60 години по смртта и 30 години по неговата рехабилитација, последниот жив гемиџија, Павел Шатев, се уште претставува „опасност“ за Македонија! Солунскиот атентатор, бриселскиот правник, македонскиот Зорге, човекот кој е еден од тројцата светски разузнавачи, кои го известиле советскиот вожд Сталин дека нацистичка Германија ќе го нападне СССР, член на АСНОМ, прв министер за правда на ФР Македонија, еден од оснивачите на Здружението на новинари на Македонија и на Адвокатската комора на Македонија, човекот кој целиот свој живот и го посветил на Македонија и стана нејзина жртва, по вторпат се наоѓа на „листата за отстрел“ на (нео)комунистите или (нео)болшевиците.
Но, овојпат преточени во ликот и делото на скопскиот градоначалник Петре Шилегов и премиерот Зоран Заев, како директни експоненти на политичката моќ, што ја злоупотребуваат до бесвест и работите ги носат до апсурд. Каков „потенцијален непријател“ сега претставува Павел Шатев за скопскиот градоначалник или за македонскиот премиер, па неговото име да не може да носи име на улица во Скопје!? Зашто, според новиот предлог на владејачкото мнозинство на СДСМ во Град Скопје за имињата на скопските улици, некогашната „Бихаќска“, која при последната промена на имињата стана „Павел Шатев“, сега повторно ќе го добие старото име. Демек, како влезено во меморијата на скопјани.
А, какво значење има „Бихаќска“ за Македонија и Македонците? Речиси никакво, освен што во Бихаќ, гратче во Босна, на 26 и 27 ноември 1942 година, под водство на комунистичкото движење на Југославија бил формиран АВНОЈ или Антифашистичкото собрание за народно ослободување на Југославија како политичка организација на Народноослободителниот комитет на Југославија. И на него не присуствувал ниту еден претставник од Македонија. Се разбира, на „Бихаќска“ се води и седиштето на владејачкиот СДСМ, што, нели, треба да биде додадена вредност на колективната меморија на скопјани.
Очигледно, (нео)комунистите или (нео)болшевиците повеќе држат до „погребаното“ југословенство, отколку до македонизмот, исто како што повеќе ги знаеја имињата на седумте секретари на СКОЈ, отколку имињата на седуммина македонски револуционери или Илинденци.
Павел Шатев ја преживеал смртната пресуда на османлиските власти, ја преживеал голготата низ пустината Сахара, го преживеал бугарскиот затвор, го преживеал и затворот во Идризово. Неговата елиминација од страна на комунистичките власти на ФР Македонија само затоа што не бил комунист се должела на формулацијата „потенцијален непријател“, заради неговиот поранешен ангажман како разузнавач за воената разузнавачка служба ГРУ на Советската армија. Не бил ниту обвинет, ниту суден. Бил уапсен во јуни 1949 година во неговиот стан во Загреб и испратен во Идризово. Заради кревкото здравје починува на 30 јануари 1951 година во Битола, во домашен притвор, под будното око на УДБ-а.
Неговата рехабилитација е извршена на научниот собир одржан на 15 и 16 март 1992 година во неговото родно Кратово, што го организираше ИНИ и Собранието на општината.
„Идеалот на Македонците е создавање на една татковина, една одделна македонска држава, со македонска нација, со своја историја и свој самостоен политички и културен живот„, пишувал меѓу другото Шатев во неговиот текст „Македонското национално освободително движење“ објавен во „Македонско дело“, год.1, бр.11 од 10 февруари 1926 година.
И ова за Шатев изгледа е негова „смртна пресуда“ пред елементарните незнајковци, кои мислат дека светот почнува и завршува со нив и само со нив. Комунизмот или болшевизмот се мртви, да живеат (нео)комунизмот или (нео)болшевизмот на Шилегов и Заев!
Comments are closed for this post.