Премиерот во оставка и лидер на Алијансата за идинината на Косово (ААК) Рамуш Харадинај изјави дека не му верува на претседателот на Движењето Самоопределување (ВВ) Албин Курти кога тврди дека како иден премиер нема да го признае Специјалниот суд за воени злосторства во Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во интервју за РТВ Дукаѓини, Харадинај синоќа рече дека Курти е само „еден добар измамник“. Потврда за тоа, според лидерот на ААК, е фактот дека Курти го сменил односот кон знамето на Косово, кое досега не го признаваше и инсистираше дека албанското знаме е единствено знаме за сите Албанци и дека и Косово треба да го користи единствено тоа.
– Откако го видов со косовското знаме на стадион, имам дилеми дали да му верувам на неговата изјава дека нема да го признае Специјалниот суд. Сум работел со него, тој е еден добар измамник. Примерот со знамето кажува се. Значи тоа е измама, изјави Харадинај, чија партија во предминатото Собрание, до 2017 година, делуваше во опозиција заедно со ВВ.
Премиерот во оставка изрази надеж дека Курти нема да ја укине таксата од 100 отсто на увозот од Србија и од Босна и Херцеговина, затоа што тоа, според него, би била „голема и неприфатлива грешка“.
– Јас само се надевам дека Албин Кути, кој ги превртуваше српските камиони, сега нема да дозволи тие камиони да влегуваат во Косово, рече Харадинај.
Опозициското ВВ победи на вонредните парламентарни избори одржани на 6 октомври и се очекува Курти да го добие мандатот за формирање влада.
Харадинај во синоќешното интервју повтори дека ААК ќе дејствува како опозиција и дека не е заинтересиран да биде дел од новата власт
Comments are closed for this post.