Дебатата за Гоце Делчев се чини е прилично задоцнета дебата. Исходот од таа дебата е политички решен, тој е познат од тогаш кога Зоран Заев – претседателот на СДСМ, во својство на Премиер, со голема радост, насмевка и гордост, со „две раце“ на 1 август 2017 година во Владата во Скопје, го потпиша договорот за пријателство со Бугарија, чиј составен дел е комисијата за историја, вели во свој ФБ статус екс-премиерот Никола Груевски.
„Како и обично во слични прилики, вели Груевски, „нашиот“ премиер почна и уште некое време ќе одглуми благ отпор, колку да каже да заличи дека се обидел и во негов манир да ни објасни дека сме имале дебата, завршила дебатата, па по неа треба да се свртиме кон иднината. Според него, сегашното барање на Бугарија нема да остане само на Делчев. Делчев е само симболот. Ако се реши за најавторитетниот од тоа време и веројатно од целата современа македонска историја, тоа не само што ќе важи за сите негови соборци, туку и за целиот народ во тој период.
Зарем мислите СДСМ не беше свесна дека ако го потпише договорот со Бугарија онака како што соседите бараа, ќе дојде до овој момент? Па, целта на договорот беше токму ова. „Пријателството“ беше „обландата“, да звучи во јавноста поевропски, иако договори со вакви наслови се повеќе познати од времето на комунистичките режими. Всушност, нашите соседи не криеја дека прашањето за историјата им е најважното во договорот, пишува Груевски.
Се наѕира една од можните стратегии на македонската страна: „Гоце бил Бугарин, но се борел за слободна Македонија“. Токму тоа е и тезата на нашиот источен сосед речиси три децении, всушност и многу подолго во некои нивни кругови: „до 2 август 1944 сите сме биле Бугари, Македонски Бугари, а нашите предци се бореле за втора бугарска држава – Македонија. Еден народ – две држави. Потоа во 1944 Србите свесни и веќе искусни дека не можат да не преобразат од Бугари во Срби, со терор ни го наметнале македонизмот, а Бугарија имала предавничка влада на комунистичкиот лидер Георги Димитров…,,. Тоа е горе-долу главната нивна теза.
Јасно е дека декларирањето во времето на Гоце Делчев е според милет системот во Oсманлиската империја. Една црква-една нација. Тоа е еден вид наметнато административно правило во тоа време. Ако одиш во Егзархиската црква (бугарската) се декларираш Бугарин, ако одиш во Патриаршиската (грчката) се декларираш Грк. Трета опција речиси немало. Нашите иторичари ги знаат овие работи и многу повеќе во оваа смисла. Прашањето е колку ќе сакаат да го зачуваат својот личен интегритет, пред притисокот на политиката.
Македонија и Бугарија може слободно да се каже дека се два блиски народи по многу нешта. Кога не би била дневно политичката и медиумска пропаганда, би требало да сме најблиски со нив по многу параметри. Но, не може и не смее да се дозволи да се негира посебноста на Македонскиот народ од Бугарскиот народ, и денес и во минатото. И попусто очекуваат дека тоа може еднаш за секогаш да го направат со некакви договори под уцена со привремена марионетска влада во Македонија. Пријатели не постапуваат вака со пријатели. А ако постапуваат, тогаш грешат.
Македонија и Бугарија имаат многу причини да бидат големи сојузници. Да се помагаат и подржуваат меѓусебе локално и меѓународно, а не да се уценуваат и да се „начекуваат“ кога едната е во тесно, а другата во подобра позиција. Нема ништо „братско“ во таквите постапки. Колку и сето ова некому во Бугарија да му изгледа како политички успех, колку и да ги носи чуството дека со оваа актулна власт во Македонија „им паднала секирата во мед“ треба да знаат, тоа е само оддалечување на двата народа и дека Македонија нема да биде вечно „село без кучиња“.
Кога историјата ќе ја преземат политичарите и ќе ја стават во политичко партиски цели со кои треба да се успее понижувајќи го и негирајќи го другиот, тоа веќе не е пријателско однесување и не оди во правец на посакуваните желби од договорот за пријателство.
Можеа и помудро“, пишува Груевски.
Comments are closed for this post.