Градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин склучи договор со маркетинг агенција вреден 73.000 евра за да ги информира аеродромци што ќе сработи за нив. Но и да ги едуцира за одговорно граѓанско однесување, објавува „Телевизија 24“
Според „Телевизија 24,“договорот е склучен минатата недела. А имиџот на градоначалникот и општината ќе го гради агенцијата „МККАН“. Иако на веб страницата на Аеродром стои дека за односи со јавност се задолжени 7 лица, од Аеродром велат дека имаат тројца. Тие нема да добијат отказ, туку им бил потребен како што велат „дополнител стручен сервис оти општината продолжува да работи со голем интензитет и има обемна програма.“
„Програмата е обемна и опфаќа активности и проекти од повеќе области. Општинската администрација е задолжена за реализација на програмата, додека улогата на професионалната маркетиншка агенција е преку нивните креативни, стратешки и експертски услуги да овозможи дополнителна поддршка за уште поефикасно креирање, организирање, информирање, презентирање и вклучување на граѓаните во сите тие активности, проекти и акции.“ – одговорија од Општина Аеродром.
Според договорот Агенцијата ќе треба да куца соопштенија, да изработува презентации, да пушта покани до медиумите за настани, да прави листа од можни прашања од медиумите за Марин, но и да ги смисли неговите одговори.
Покрај организација на настани, кампањи, Агенцијата треба да се грижи и за протоколот на градоначалникот. Да му подготви предлог начин за обраќање и движење на Марин на јавните настапи. Да смислува содржини за Општината на „Фејсбук“, „Инстаграм“ и „Твитер“. Во 18 ставки во договорот е наведено се што треба да сработи за да добие 73.000 евра за една година, или во просек по 6.000 евра месечно.
„Осмислување годишен комуникациски план за подигнување на свесноста за придобивките од граѓанско одговорно однесување. Планот треба да содржи анализа на моменталната состојба во однос на досегашна комуникација на општината на оваа тема, дефинирање на целни групи и нивна демографска/социолошка анализа, одредување на комуникациски пораки според целните групи.“ – стои во договорот.
„Теренско истражување за степенот на информираност на граѓаните за активностите на Општината. Еден на еден разговори според однапред дефинирани прашања со репрезентативн број на граѓани за Општината, составување и анализа на анкетни листови пополнети од страна на граѓаните.“ – стои во договорот.
Од Аеродром велат дека маркетинг агенцијата не ги презема соопштенијата, целосното информирање, организација, протокол и слично, туку се јавува само како поддшка и тоа само таму каде што е потребно. Тврдат – ќе ја ангажираат по потреба, и можеби нема да ги потрошат сите пари.
Comments are closed for this post.