Покажувањето сила кај мене не поминува, знакот „❤️ Кисела Вода“ ќе биде повторно вратен, порача попладнево градоначалникот на Општината Орце Ѓорѓиевски откако денеска работници го отстранија по налог на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.

 

Никогаш не сум бил човек кој бара расправии и учествува во конфликти и подолго време бев воздржан околу случувањата кои денес ескалираа и ги вознемирија нашите жители. За жал, малодушноста и незрелоста на поединци резултираа со тоа да бидам принуден да влезам во одреден конфликт со луѓе кои во отсуство на проекти и визија, а полни со гнев и желба за ситен политички реваншизам, се трудат по секоја цена да ја изиграат волјата на моите сограѓани.
Сакам да упатам јасна порака дека јас сум човек кој својот легитимитет го црпи директно од граѓаните и кај кој не поминуваат притисоци и вакви малодушни потези, вели Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски објасни дека целата иницијатива за поставување на светлосната табла „❤️ Кисела Вода“, по урнекот на неколку европски градови и општини, потекна од жителите на општината. Почитувајќи ја нивната волја, Ѓорѓиевски пред пет месеци испратил барање до Градот Скопје, за кое добиле усмено одобрување, но на писмено, до денешен ден, немаат никаков одговор. Ова, вели Ѓорѓиевски, според закон значи премолчено одобрување.

Токму затоа, вели градоначалникот, дозволивме нашата општина да биде разубавена со оваа табла која е целосно финансирана од граѓаните.

Ова утро, едно од човечињата во Градот (генералниот секретар на Град Скопје, Зоран Глигоров), наместо да се јави и да се заинтересира до каде е остварувањето на ветената меѓуопштинска соработка и договор за асфалтирање на улиците во Усје, наместо да информира зошто нема ниту милиметар напредок во градбата на Усјанскиот канал, чија реализација беше аминувана на Советот на Град Скопје, но закочена од Арсовска, да пројави интерес да се запознае макар со еден стопанственик во индустриската зона Пинтија (преговори кои треба да ги реши Градот, а ги посредуваме ние, како општина Кисела Вода, бидејќи од страна на Град Скопје нема кој да се сретне со овие лица) бидејќи поради тоа нема ниту една експропријација неопходна за проширувањето на булеварот „Борис Трајковски“, наместо да даде одговор зошто во изминатите неколку недели прави опструкции за реализирање на проекти во општина Кисела Вода под ингеренции на Градот или јавните претпријатија во негова надлежност, тој, се занимава со рушење на светлечка реклама, платена од нашите жители, потенцираше Ѓорѓиевски.

Попладнево веќе нема ни траг од знакот платен од граѓаните на Кисела Вода

Ѓорѓиески напоменува и дека решението за отстранување на објектот е правно неиздржано поради тоа што во него, случајно или намерно, се бара отстранување на објект во општината Аеродром, а не во Кисела Вода.

Да водиш институција е многу сериозна работа и тоа не подразбира реваншизам, политичко инаетење и незрелост или правење на циркус со рушење на рекламни табли. Тоа подразбира решавање на проблеми на граѓаните и искрено се надевам дека дотичните од Градот Скопје ќе излезат од балонот на гнев и реваншизам и конечно ќе ја сфатат улогата и функцијата за која се избрани.
Уште еднаш да напоменам дека покажувањето на сила кај мене не поминува, дека целосно застанувам зад моите сограѓани и дека знакот Ја сакам Кисела Вода ќе биде повторно вратен, порача градоначалникот.