Се води ли вистинска (контра)разузнавачка „војна“ меѓу старите кадри на поранешната УБК, кои се уште не го имаат кажано својот завршен збор во подземните игри? Ова е дилемата што се наметнува во јавноста по сведочењето на Зоран Верушевски во предметот „Таргет-Тврдина“ во кое обелодени дека незаконски снимените „бомби“, откако бил притворен за случајот „Пуч“, доживеале „страотни модификации и компромитирања“ и оти Ѓорѓи Лазаревски и Ѕвонко Костовски снимките не му ги давале нему, туку уште пред да се врати од Итлија во земјата тие ги носеле во тогаш опозицискиот СДСМ.

Ваквото тврдење на Верушевски е во спротивност со претходното сведочење на Лазаревски дека тој снимените разговори му ги давал токму на Верушевски.

Но, ова беше само еден дел од приказната. Во продолжение, поранешниот директор на УБК, Горан Митевски, за телевизија „Алфа“ изјави дека Лазаревски и нему му ги нудел незаконски снимените разговори, но оти тој ги одбил.

И додека за изјавата на Верушевски, Лазаревски рече дека нема да ја коментира, но ќе остане и натаму транспарентен, Пресинг Тв го побара за да добие одговор на прашањето дали е точно тврдењето на Митевски. Во краткиот телефонски разговор, Лазаревски ни изјави:

Не е точно. Во една прилика изјавив дека човекот на кој сакавме да му се довериме и да му ги предадеме снимените телефонски разговори треба да биде од групата поранешни директори на УБК. Со самото тоа, тука спаѓаше и Горан Митевски. Но, на Митевски никогаш ништо не му е дадено.

Секојдневното бомбардирање на јавноста со крајно контрадикторни изјави за исклучително сензитивни работи внесува дополнителна забуна во и онака конфузната јавност.