Има ли оваа држава Претседател и директор на Агенцијата за национална безбедност, запраша на денешната прес-конференција Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ.

-Видовме во аферата Мафија дека министерот за внатрешни работи и мафијата биле едно исто. Пендаровски е претседател на државата со безбедносен систем кој е целосно пробиен. А АНБ наместо да пишува белешки треба да се занимава со Шкаљарскиот клан, албанскиот нарко-клан барути, италијанската мафија, турската мафија, ИСИС чии луѓе имаат токму од пасошите кои што Спасовски ги издава. Самиот факт што власта не го демантира скандалот со давање на официјални македонски пасоши и лични исправи на светски криминалци и мафијаши, потврдува дека тие се до гуша заглавени во аферата Мафија. Зоран Заев и Оливер Спасовски се најодговорни за тоа што Македонија давала закрила на криминалот, мафијата и тероризмот, бидејќи документите кои ги издавале во постапка на МВР со злоупотреба на матични броеви, имиња и идентитети на наши македонски граѓани, истакна Ѓорѓиевски.

Тој посочи дека никој не можат да убедат во тоа дека чиновници и обични полициски службеници сами стапиле во контакт со наркобосови од Албанија, Црна Гора, Србија, Шпанија, Италија или со лица поврзани со ИСИС, самите ги довеле во Македонија, ги однеле во полициска станица, им дале официјален документ и ги пуштиле, па преку граница да крстарат низ светот со својот лажен идентитет.

-Во аферата Мафија има далеку, далеку поголеми риби. Владата на Заев и МВР на Спасовски не кажуваат зошто ако наводно ја планирале оваа акција повеќе од година дена, зошто не распишале се уште потерници за овие лица? Зошто самите тие не испитаат дали овие лица имале сметки и дали преку тие сметки се вршеле исплати кон и од Македонија? Зошто не одговорат каква поврзаност имаат со лицата кои се осомничени за целата акција Мафија, за кои јавноста виде дека имаат фотографии токму со Оливер Спасовски? Турција го бара Седат Пекер, а Спасовски не. Грција го бара за кокаин Вукотиќ, а Македонија не. Зошто Спасовски и Заев ги штитат, запраш тој.

Ѓорѓиевски посочи дека површната и брзоплета акција само на сите ни покажува дека се обидуваат да сокријат многу работи од нашата јавноста. Тие можеби се обидуваат, ама нема да успеат, бидејќи овој сериозен скандал ги надмина границите на Македонија.

-Со оваа афера Мафија не е нарушен само угледот на нашата земја, не е само уништен безбедносниот систем во државата, туку е загрозен и безбедносниот систем на многу други земји. За тоа мора да има сериозна одговорност, нагласи тој.