Додека Хитлер, Химлер и Рибентроп се нервираат од откажувањето на Михајлов, началниците во Вермахтот го преземаат управувањето со Македонија во свои раце, во моменти кога таа е „соголена“ заради повлекувањето на бугарските окупациони сили. На 12 ноември 1944 година, Скопје го напуштаат и последните германски единици и тргнуваат во правец на Приштина, а наредниот ден во Скопје влегуваат партизаните на Тито.

Михајлов со сопругата, заедно со неколкумина верни другари се евакуирани од СС од Акопје прво во Виена, а пролетта 1945 година е преместен во градчето Алтаузе во австриските Алпи. За разлика од многуте таму присутни националсоцијалистички величини, Михајлов не е вознемируван ниту од американските единици, кои во градот стигнуваат на 9 мај 1945 година, ниту од потоа воспоставената британска воена администрација, а не е вознемирен и кога Титова Југославија од Англичаните официјално бара негова екстрадиција.

Не е познато каде Михајлов и неговата сопруга ги минуваат првите години по војната. Веројатно привремено во Шпанија на Франко. Во 1948 година тој успева да добие државјанство на Италија, па во наредните 42 години ја напушта само за да одмори во Австрија и во Германија. Од 1958 година, тој под идентитет на „проф.Џовани од Унгарија“ живее во римската четврт Монтесакро, на ул.„Виа Понца“ 6/7. Се радува на протекциите од својот долгогодишен познаник Анџело Ронкали, кој во периодот 1925-1934 година е апостолски претставник на Ватикан во Бугарија, а потоа-до 1939 година е апостолски пратеник во државата во која Михајлов добива засолниште-Турција. Во 1958 година Анџело Ронкали е избран за папа Јован XXIII. За разлика од Павелиќ и од други усташки лидери, Михајлов не ги користи своите добри односи со Ватикан за да се провлече низ „каналот на стаорците“ („Ratline“) и да најде безбедност во Јужна Америка.

Кога во 1946 година во „народна демократска“ Бугарија се ликвидирани и последните членови на ВМРО-то на Михајлов под раководство на Кирил Дрангов и Владо Куртев, приврзаниците на Протогеров, сега поврзани со БКП, прават кариери во различни министерства и особено во Државната безбедност на НР Бугарија. Исто така, и во новата југословенска република Македонија тамошната комунистичка тајна полиција ги задушува обидите за реорганизација на блиските до Михајлов. Од тој момент во сталинистичка Бугарија, како и во титова Југославија „михајловист“ станува етикета опасна по живот.

Меѓутоа, сепак, во 1978 година долгогодишниот бугарски претседател и раководител на партијата Тодор Живков издава наредба да се воспостави таен контакт со протераниот во егзил во Италија-Михајлов. Мотив за тоа е разгорувачкиот бугарско-југословенски спор за Македонија и поконкретно прашањето дали постои македонска нација, како што тврдат од Белград и од Скопје, или дали поголемиот дел од населението на Македонија се Бугари-како што смета Софија. Фактот што во тој спор Михајлов застанува на бугарска страна, го прави за Живков важен сојузник против Југославија, пред се меѓу бугарската и македонската дијаспора во Северна Америка и Океанија.

Истовремено, Михајлов во комунистичка Бугарија гледа партнер против Тито и Лазар Колишевски и против нивниот проект за посебна македонска нација, со национален јазик, национална литература, национална црква и посебен македонски, а не бугарски идентитет.

Запрашан дали многубројните од него нарачани смртни пресуди против бугарски и југословенски политичари и чиновници и особено против членовите на ВМРО му тежат на неговата совест, Михајлов одговара дека таквите пресуди се негово дело само во отежнителни случаи на предавство или, пак, при злоупотреби со пари на организацијата, како и во случаи кога смртните пресуди се правно издржани и донесени од правораздавачките органи на ВМРО. „Ми се наложуваше да потпишувам смртни пресуди на мои пријатели“, признава Михајлов, сочувствувајќи со себе во разговор со бугарскиот функционер во Ватикан, Георги Елдров. Патем, ВМРО била „суверена државна структура“ и „дејствувала како другите држави“. Тоа што бројот на смртните пресуди бил споредбено поголем, Михајлов го објаснува со околноста дека „организацијата немала затвори за задржување на прекршителите на уставот“.

По епохалната 1989 година, во Бугарија и во новата Република Македонија се појавуваат независни македонски партии, што се сметаат за организации наследнички на ВМРО. Во сегашна демократска Бугарија бившиот шеф на ЦК на ВМРО, Михајлов, е сметан за национален херој. Од друга страна, денес во Македонија, родениот во 1896 година во источномакедонскиот град Штип, Иван Михајлов, станува делумно рехабилитиран-наспроти неговите погледи околу националното прашање. Во 2000 година неколку пратеници од македонското Собрание учествуваат на панихида отслужена за атентаторот-камиказе од ВМРО-Владо Черноземски, кој во 1934 година во Марсеј исклучително успешно се справува со задачата дадена од Михајлов. Во 2002 година, во центарот на Скопје се открива спомен-плоча и за една друга атентаторка-камиказе од ВМРО-Мара Бунева, која во 1928 година, исто така по наредба на Михајлов, убива високопоставе белградски службеник, а потоа и се самоубива.

Факт дека мирно починатиот на 5 септември 1990 година, на библиска возраст од 94 години, прогонетиот во егзил во Италија, нарачал стотици политички убиства, намерно се пренебрегнува во Бугарија и во Македонија. Околноста дека Турција, Полска, Унгарија, Хрватска и Австрија го прикривале и криеле Михајлов, наспроти тоа што тој од Бугарија бил официјално баран заради обвинение за терористичка дејност, во тие држави не игра никаква улога. А, во јавната меморија на Италија, како и во Германија, сојузникот на Мусолини и на Хитлер е целосно заборавен.

(Крај)