Ресторанот „Парк” со дискотеката во локалитетот „Горица 1″ на крајбрежјето на Охридското Езеро ќе се урива, а на негово место ќе се гради хотел на три ката и потпокрив.
Градоначалникот на Охрид Константин Георгиески денеска пред медиумите појасни дека се работи за завршена постапка, за која е обезбедена сета потребна документација и градба што во овој миг не може да биде правно оспорена.
– Локалната планска документација е усвоена од Советот на Општина Охрид во ноември 2009 година. Врз основа на изготвената урбанистичко-планска документација издадено е правосилно одобрение за градење, што предвидува инвеститорот да ја острани постојната градба…Согласно правосилното одобрение за градење од 2018 година на предметната локација ќе се гради хотел со приземје, три ката и потпокрив до венец 13,5 метри, рече Георгиески.
Сопственик на земјиштето на кое ќе се гради е ДООЕЛ „Ремис” од Охрид, кој се јавува и како инвеститор.
Според градоначалникот, урбанистичката документација е донесена во 2009 година, а Законот за заштита на светско природно и културно наследство на Охридскиот регион една година подоцна, а што предвидува пред донесувањето на документацијата да се обезбеди мислење од Комисијата за управување за Охридскиот регион, формирана 2018 година.
За односниот објект и предвидената изградба во постапката за издавање на одобрението за градење запазена е постојната законска регулатива за изградба на објект од таква намена, со Решение за одобрување Елаборат за заштита на животна средина од 2010 година и водостопанска согласност од 2016 година од ресорното Министерство за животна средина и просторно планирање.
Одговарајќи на прашањата на новинарите Георгиески појасни дека се работи за одобрение издадено пред Планот за управување со Охридскиот регион, а постојниот објект е во третата зона, во која е дозволено градење објекти на три ката и 40-процентна искористеност на просторот.
Од правен аспект нема ништо спорно, објектот е приватна сопственост, новата градба е во согласност со подоцна донесениот План за управување со Охридскиот регион, платени се 47 милиони денари комуналии за објектот, спорно е само поткровјето, рече Георгиески.
Во врска со забелешките дека се работи за репрезентативен објект за кој на проектантот му е оддадено признание, Георгиески рече дека доколку сметала државата требала навремено да го заштити на соодветен начин како што е постапено по примерот на хотелот „Палас”.
Сега е доцна да се реагира, правосилно одобрение за градба Општината не може да оспори. Ова е резултат на нефункционирањето на државните институции во 2010 година. Сега нема основа врз која сега ние би можеле да го спречиме градењето на објектот. Планот за управување со Охридскиот регион не можеме да го спроведуваме ретроградно врз завршени постапки и издадени одобренија, истиот го имплементираме на важечки урбанистички планови, со тоа што на инвеститорите им сугерираме да се усогласи градбата со Планот. Од неговото донесување не е издадено ниту едно одобрение што е во спротивност со неговите одредби, рече Георгиески.
Постојниот објект ресторан и дискотека „Парк” се наоѓа на 40, а терасата 23 метри од езерото. Според документацијата, новиот објект ќе биде 50 метри од брегот. Градежни активности за негово уривање веќе се во тек, се отстранува инвентарот од објектот, наскоро и тој ќе заврши како и хотелот „Парк” што беше урнат во 2010 година на чие место е изграден објект со далеку поголем габарит и зафат во просторот
Comments are closed for this post.