ентарот за европски политички студиите, еден од највлијателните тинк тенкови во Брисел објавува анализа на бугарско-македонскиот спор во контекст на ЕУ интеграцијата на Македонија и предупредува дека вовлекувањето на идентитетските прашања може ЕУ скапо да ја чини, јавува дописничката на МИА од Брисел.
Анализата е напишана од поранешниот ЕУ амбасадор во Македонија, Ерван Фуере, кој соработува повремено и со ЦЕПС, каде се посветува во голем дел на Западниот Балкан и ЕУ.
Во пресрет на Советот за општи работи на ЕУ на крајот на јуни каде Македонија чека дали ќе се надмине ветото на Бугарија и ќе започнат преговорите со ЕУ, ЦЕПС пишува дека Бугарија на земјите членки на ЕУ им презентира еднострана верзија на историјата за време и по Втората светска војна, верзија која ја наведе Софија да бара од Македонија признавање на „бугарски корени“ и јазик.
Фуере, како Ирец по потекло, влече паралела во својата анализа со Ирска и Обединетото Кралство и истакнува дека доколку се следеа историските аргументи во времето на интегрирањето на овие земји во ЕУ, тие немаше никогаш да станат земји членки и додава дека историските дебати не можат да се решат за една или две, па ни десет години.
-Од причини кои се чини повеќе се поврзани за домашната политика, бугарските политички партии одлучија дека сега е најдобро време да ја туркаат нивната верзија на историјата дури и на штета на нивниот најблизок сосед. Тие воедно ја држат политиката на проширување на ЕУ во заложништво, пишува Фуере во студијата на ЦЕПС.
И додава дека со ова Софија исто така ги поткопува принципите и условите за зачленување во ЕУ.
Но поранешниот амбасадор во Македонија упатува критики и до другите земји членки на ЕУ, за кои смета дека вложиле недоволно напор за да ја разубедат бугарската страна.
-Со техничка влада сега во Бугарија и со нови избори закажани за 11 јули се чини дека има многу малку надеж за напредок на време за состанокот на Европскиот Совет на 22 јуни, предупредува Фуере.
За него предлозите за одвојување од Албанија, како што сугерираше еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, но кои набргу беа отфрлени од страна на шефот на ЕУ дипломатијата, Жозеп Борел, претставуваат неконзистентност и двосмисленост во пристапот на ЕУ.
-Она што посебно загрижува е дека ако нема напредок и Бугарија го задржи своето вето, автоматски бугарската позиција станува ЕУ позиција, создавајќи дури полош преседан од оној со спорот за името помеѓу Грција и Македонија, алармира Фуере.
Comments are closed for this post.