Во пресрет на јунскиот Самит на ЕУ се очекува официјално да биде испратен до бугарската Влада францускиот предлог за отстранување на ветото наметнато од Бугарија на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ. И Скопје и Софија од ЕУ бараат гаранции за евентуално решение за остранување на ветото. Скопје бара гаранции дека барањето за влез на Бугарите во македонскиот Устав ќе биде последното бугарско барање во однос на овој проблем. Софија, пак, бара, ЕУ да биде гарант дека Северна Македонија ќе ги исполни условите на Бугарија.
Вчера француската амбасадорка во Бугарија Флоранс Робин имаше средба со пратеници од Групата за пријателство со Франција во бугарскиот Парламент. На средбата која не беше официјално најавена, учествуваа и претставници на опозицијата, јави дописникот на МИА од Софија.
Како што пренесе Бугарското национално радио, се очекуваше и официјално да биде испратен до бугарската Влада францускиот предлог за отстранување на ветото наметнато од Бугарија на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ.
Францускиот предлог, кој ќе биде испратен до сите земји-членки на ЕУ, според објавените неофицијални информации, предвидува укинување на ветото, а ЕУ да стане гарант дека Скопје ќе ги исполни условите на Софија.
Comments are closed for this post.