Фирмата „ЈА-МИ“ чиј сопственик е градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев добила тендер вреден над 16 милиони денари.
ЈП „Македонија пат“ ја ангажирала фирмата на градоначалникот за извршување на работи во зимски услови на сите државни патишта во земјава за сезона 2018/2019 година.
Според јавно достапните информации сопственик на „ЈА-МИ“ е Јанчев, а управител е Лазар Лазов.
Инаку договорот за јавна набавка со ЈП „Македонија пат“ го потпишал Јане Кузманов, но на 08.11.2018 тој е избришан од Централниот регистар како управител на „ЈА-МИ“, а на негово место е впишан Лазар Лазов.
Според склучениот договор меѓу „ЈА-МИ“ и ЈП „Македонија пат“ вредноста на истиот е 16 милиони и 350 илјади денари, за обезбедување булдожери и камиони за периодот од 01.12.2018 до 28.02.2019 година.
Пресинг ТВ го контактираше и управителот и правната служба на „Ја-МИ“. За нив нема ништо спорно, напротив велат дека ако тие не се пријавеле на тендерот, сега ќе биле затрупани со снег патиштата во југоисточна Македонија.
„ЈА-МИ беше единствениот понудувач. ЈА-МИ е општествено одговорна компанија. Многу од услугите што ги врши ЈА-МИ се донација од општина Кавадарци“, велат за Пресинг Тв од правната служба на ЈА-МИ.
Оттаму појаснија дека договорот го потпишал Кузманов, бидејќи истиот е склучен додека тој управувал со фирмата, но обврските ги преземал Лазов.
Кривична за Митко Јанчев за лажен договор за купопродажба на возило за чистење на снег и посипување со сол
Во ноември минатата година против градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев и уште три лица од Кавадарци беше поднесена кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело “фалсификување исправа“, “злоупотреба на службената положба и овластување“ и “несовесно работење во службата“.
Според полицијата, во периодот од 16.01.2015 до 01.09.2016 година првопријавениот, вработен во “Кожувчанка” ДОО- Кавадарци, изготвил лажен договор за купопродажба на возило за чистење на снег и посипување со сол “UNIMOG U1400”, во кој истиот бил наведен како купувач, по што ваквиот договор го употребил при постапка заидентификација на патничкото возило, во Бирото за метeoрологија при Министерството за Економија-Скопје, со цел да ја искористи погодноста по член 24 од Законот за возила. Второпријавениот, пак, како управител на “Кожувчанка” ДОО и “ЈА-МИ” ДООЕЛ – Кавадарци, и покрај тоа што знаел дека наведеното возило било сопственост на “Кожувчанка” ДОО, со првопријавениот, склучил договор за купопродажба на наведеното возило, во кој како продавач бил наведен првопријавениот, а како купувал било наведено правното лице “ЈА-МИ” ДООЕЛ. Третопријавениот, како нотар, и покрај тоа што не му бил приложен оригинален договор за купопродажба на наведеното возило, ја заверил копијата од лажниот договор за купопродажба изготвен од страна на првопријавениот, по што го заверил и договорот за купопродажба на наведеното возило помеѓу првопријавениот, како продавач и “ЈА-МИ” ДООЕЛ, како купувач. Четвртопријавениот, како вработен во МВР – Одделение за управни работи – Кавадарци, издал согласност на “ЈА-МИ” ДООЕЛ за регистрација нанаведеното возилото, без да изврши увид во царинската декларација за наведеното возило, во која како увозник и сопственик била наведена фирмата “Кожувчанка” ДОО.
Comments are closed for this post.