Под мотото „Тестирај. Лекувај. Превенирај“ од денеска до 30. овој месец се одржува Европската недела на тестирање за ХИВ, кон која по петти пат се приклучува и здружението ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување.
ХЕРА е само една од над 600 организации од 53 европски држави кои учествуваат во активностите на Европската недела на ХИВ тестирање со цел да ја подигнат свеста за придобивките од тестирањето за ХИВ. На тој начин, информациите за превенција на ХИВ стануваат подостапни, повеќе луѓе можат да го дознаат својот ХИВ-статус и да добијат пристап до терапија, грижа и поддршка.
Се претпоставува дека денес секое четврто лице во Европа кое има ХИВ, не го знае својот ХИВ-позитивен статус. Половина, пак, од луѓето што живеат со ХИВ се дијагностицирани доцна, со што се доцни со пристапот до терапија, грижа и поддршка.
Терапијата за ХИВ која е денес достапна, им овозможува луѓето со ХИВ да живеат квалитетно и долго доколку се дијагностицирани навремено. Луѓето што живеат со ХИВ имаат речиси изедначен животен век со лицата кои немаат ХИВ, доколку добиле навремен третман. Редовното земање на терапијата за ХИВ е и еден од најефективните начини на превенција на вирусот бидејќи луѓето кои редовно примаат терапија, имаат недетектибилно ниво на вирусот, со што целосно се спречува преносот за ХИВ по сексуален начин, дури и доколку не се користи заштита, односно кондом. Затоа е толку важно навременото тестирање, велат од ХЕРА.
Во рамки на годинешната Европска недела на тестирање за ХИВ, во Младинскиот центар на ХЕРА „Сакам да знам“ на Водно ќе биде достапно бесплатно и доверливо тестирање и советување за ХИВ со брзи тестови, секој ден од денеска до 30 ноември од 17 до 21 часот. Од Хера ги охрабруваат граѓаните да го посетат центарот и да направат ХИВ тест, а можат да се јават на телефонскиот број 02/3176 950.
Дополнително, ХЕРА ќе спроведе кампања на социјалните медиуми, која ја поддржаа и јавни личности од земјата. Европската недела на тестирање за ХИВ се одржува во ноември, кој се одбележува како месец на машкото здравје, па со оваа кампања потсетуваме дека тестирањето за ХИВ е особено важно и е дел и од грижата за машкото здравје.
Од ХЕРА велат дека граѓаните може да се информираат за ХИВ тестот, како и за други информации поврзани со ризикот од пренос и заштитата од ХИВ и на мобилната андроид апликација ХИВ тест. Преку неа може да се информираат за сите локации низ земјата каде што може да се направи бесплатно и доверливо тестирање и советување за ХИВ. Апликацијата може бесплатно да се преземе на Google Play.
Comments are closed for this post.