Дали Случајот „Топлик“ на Специјалното јавно обвинителство покренато за злоупотреба на службена должност поврзано со продажбата на земјиште за „Сончев град“ ќе падне заради немање докази за материјална штета, или, пак, СЈО ќе го тера со тоа што постои опасност тој да заплива во таканаречени политички процеси?
Пресинг ТВ, екслузивно дознава дека во случајот „Топлик“ ресорното Министерство за транспорт и врски не констатирало штета со договорот за Сончев град, па од тука според правните мерила и нема основа да се води судски процес за случај каде нема материјална штета, велат правни експерти (во правната терминологија принцип наречен condicio sine qua non).
Случајот „Топлик“ се однесува за период од 2007 до 2013 година, во кој првоосомничен е поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески и уште пет лица членови на комисијата од тоа Министерство за спроведување јавни набавки.
Според обвинението, осомничените го оштетиле буџетот за 64 милиони денари, или 1,4 милиони евра, сума која е исплатена за затезни камати заради раскинување договор со правното лице „Сан сити“.
На 23 ноември годинава, Државното правобранителство се обратило до Министерството за транспорт и врски да се произнесе со имотно правното побарување. Пресинг ТВ направи увид во тој документ, како и во одговорот што е испратен, а е потпишан од министерот за транспорт и врски, Горан Сугаревски.
Имајќи го предвид членот 264 од Законот за облигациони односи, доверителот има право да бара договорна казна и кога нејзиниот износ ја надминува висината на штетата што ја претпрел, како и кога на претрпел никаква штета, како и членот 266 од Законот за облигациони односи, должникот кој ќе задоцни со исполнувањето на паричната обврска долгува, покрај главнината и казнена камата, а стасаноста на обврската за плаќање на казнена камата се определува согласно со правилата на Законот за облигациони односи што се однесуваат на определувањето на времето на исполнување на обврските при што во конкретниот случај тужбеното барање за надомест а штета е повлечено од страна на тужителот, а со судската спогодба е предвидена само казнена камата. Министерството за транспорт и врски земајќи во предвид дека со ниту еден правосилен акт не е утврдена штета на буџетот на република Македонија, почитувајќи го правото на презумпција на невиност утврдено во член 13 од Уставот на Република Македонија, не истакнува имотно-правно побарување“, се наведува во одговорот од Министерството со потпис на министерот Сугаревски.
Притоа во одговорот се истакнува дека предметниот договор е спогодбено раскинат со судска спогодба склучена во Државното правобранителство на РМ и купувачот, „сметаме дека во тој момент се заштитени имотните права и интереси на Република Македонија“.
Comments are closed for this post.