Претседателот Стево Пендаровски вчера врз основа на членот 84, став 1, алинеја прва од Уставот, му го врачи мандатот за состав на нова влада на лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, откако од СДСМ добил известување за предлог за мандатар, поддржано од политичките партии кои заедно имаат мнозинството во Собранието.
По добивањето на мандатот Ковачевски изјави дека тоа за него преставува чест и одговорност, најавувајќи дека ќе формира „нов тим луѓе кои треба да одговорат на сериозните предизвици кои не чекаат од почетокот на следната година“.
Тој посочи дека сме соочени со долгогодишни проблеми и оти затоа се потребни стабилни, храбри и одговорни луѓе кои, како што рече, ќе понесат одговорност, да се соочат и да ги надминат сите препреки со цел заштита и грижа за граѓаните и најави дека новата влада ќе има јасна цел, обезбедување сигурност, подобар живот и иднина за граѓаните.
– За тоа е потребно ефикасно, чесно и одговорно владеење што ќе биде одлика на тимот кој јас како мандатар ќе го составам, нагласи Ковачевски, најавувајќи дека ќе се залага да се врати довербата на граѓаните во политиката и во институциите и ветувајќи независни институции и правично општество.
Ковачевски планира Владата да ја предложи околу 10-11 јануари идната година, односно во пократок рок од уставно предвидениот.
Принципот на одговорност, изјави синоќа Ковачевски, ќе биде одлика на управувањето.
– Технократскиот начин на управување обично се поврзува со цврста рака на владеење, меѓутоа за мене тоа значи еден мерит систем на раководење, каде што секој којшто извршува одредена јавна функција, треба одговорно и чесно да ги извршува своите задачи, согласно со зададените цели. Секој, низ личен пример, да работи во интерес на граѓаните и да одговара при непостапување, рече Ковачевски.
Тој додаде дека од работата на новата Влада може да се очекува силна посветеност на економските реформи во државата, силна посветеност на справувањето со најгорливите прашања, а тоа се предизвиците од енергетската глобална криза, корупцијата, владеењето на правото, како и продолжување на патот за влез во ЕУ.
Ковачевски нагласи дека фокусот на неговата влада ќе биде на економскиот развој на земјата и финансиска поддршка за семејствата.
– Не смееме да дозволиме политички поделби и бескрајни расправии, кои прават голема штета на развојот и реализација на проекти и реформи кои се потребни за подобар живот на сите, додаде Ковачевски
Comments are closed for this post.