Кривичниот суд во Скопје ја одби жалбата на Сеад Кочан за одложување на затворската казна од четири години и осум месеци која му беше изречена од страна на судот за случајот „Труст“ за злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство.
Според пресудата Кочан со лажни документи учестувал и добил тендери за ископ на јаглен и јаловина во РЕК „Битола“ на АД ЕЛЕМ вреден 17 милиони евра.
„Кривичниот совет при Основниот кривичен суд – Скопје, постапувајќи по жалба изјавена против решение на судија за извршување санкции од 01.07.2019 за предметот со К.бр. 1459/17 од обвинителството означен како „Труст“, на 12.07.2019 год. одржа седница и по ценење на фактите и доказите донесе решение со кое ја одби жалбата на обвинетиот и го потврди решението на судија за извршување санкции.
Воедно, кај судија за извршување на санкции доставено е ново барање за одлагање на извршувањето на затворската казна за кое е потребно да се извршат неопходни извиди по што судија ќе одлучува, а по донесеното решение странките и јавноста ќе бидат известени“
Осудениот бизнисмен Сеад Кочан на 17 јули треба да се појави на капијата во КПУ Идризово од кога ќе започне со издржување на затворската казна.
Во петокот, Кочан бил примен на лекување во една приватна болница во Скопје. Тој поднел и барање до Врховниот суд за вонредно преиспитување на пресудата од 4 години и 8 месеци за случајот „Труст“.
Comments are closed for this post.