Еднаква заштита и достоинствен живот за сите граѓани и граѓанки овозможува Законот за спречување и заштита од дискриминација што денеска беше изгласан од пратениците во Собранието, велат од Министерството за труд и социјална политика.

Со денешното гласање, посочуваат од МТСП, докажавме дека како држава сме отворени да слушнеме сечиј глас и да им служиме на сите граѓани поеднакво. Само на овој начин, сметаат од Министерството, ќе изградиме вистински праведно и демократско општество.

Од МТСП потсетуваат дека во рамки на претходната седница на Собранието, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска говорејќи за Законот посочила дека со него ги штитиме сите оние кои денеска не се заштитени и се дискриминирани, но се меѓу нас.

Граѓаните не избраа со цел да ги заштитиме, да направиме одговорни политки кон секој еден, не само кон оние кои имаат слични верувања и убедувања со нашите, изјави Царовска.

Новиот Закон, потенцираат од Министерството, со вклучувањето на основите на сексуална ориентација и родов идентитет, ја проширува заштитата од дискриминација кон оваа група на граѓани. Законското решение овозможува превенција и еднаков пристап до механизмите за заштита од дискриминација за сите граѓани. Основа за донесување на овој закон е токму Уставот на Република Северна Македонија, во кој се утврдени основните слободи и правата на човекот и граѓанинот.

Исто така, Законот за спречување и заштита од дискриминација има добиено позитивни мислења од Венецијанска комисија, од Обеднитетите нации, од ЕУ и од ОБСЕ-ОДИХР. Тие истакнуваат дека Република Северна Македонија, со ова ново законско решение, прави значаен чекор во борбата против сите форми на дискриминација, почитувајќи го и вклучувајќи го законодавството на ЕУ и меѓунардоните стандарди за човекови права.