Претседателот на Собранието, Талат Џафери денеска во Будва се обрати на 16. Конференција на претседатели на парламенти на Јадранско-јонската иницијатива.
Како што информираат од неговиот кабинет, тој посочил дека од формирањето на иницијативата во 2000 година како предлог на Италија, па до денес, состојбите во регионот се многу променети и тоа во позитивна насока и на сите полиња.
„Во овие процеси на соочување со најразлични предизвици како на глобално, така и на ниво на региони, парламентарната дипломатија има сè позначајна улога, секако сфатено комплементарно со класичната дипломатија. Секако за стабилноста во регионот и неговата европска интеграција одговорноста е на секоја држава поединечно. Република Северна Македонија, со Договорот од Преспа го надмина деценискиот спор со соседна Грција со што се деблокира нашиот пат кон евроатланските интеграции но во исто време, има многу позитивен импакт и врз целиот регион, па и пошироко“, изјави Џафери.
Посочи дека во во тек е процесот на ратификација на Протоколот за полноправно членство во НАТО и уште еднаш се заблагодари на националните парламенти на Грција, Словенија, Албанија, Бугарија, Хрватска, Романија, Литванија и домаќинот, Парламентот на Црна Гора кои веќе го ратификуваа овој протокол.
Претседателот на Собранието рече дека од членките на ЕУ, можеме многу да научиме околу тоа што ќе ни помогне во нашите реформи, а во исто време, преку нив да ги артикулираме нашите интереси, прашања и дилеми во Европскиот парламент.
„Во нашата асоцијација, имаме четири држави Италија, Грција, Хрватска и Словенија, кои се членки на ЕУ додека сите останати се аспиранти за полноправно членство. Имајќи предвид дека годинава, на ниво на Европската унија ќе има избори за новиот состав на Европскиот парламент, а во исто време и процесот на Брегзит добива некои нови димензии, сосема е очекувано Брисел да посвети повеќе внимание на овие прашања. Во една таква реалност, за нас, државите аспиранти е многу важно во рамките на Јадранско-јонската иницијатива да ја интензивираме соработката преку парламентарните тела“.
Џафери, на крајот од своето обраќање, се заблагодари на Собранието на Црна Гора, за успешно организираната средба, и изрази надеж дека регионалната соработка ќе продолжи да се надградува и развива за просперитетот на сите граѓани и за целосна интеграција на регионот во Европската унија.
Comments are closed for this post.