Според првичните информации од Изборниот штаб на дебарскиот огранок на ДУИ, кандидатот на оваа партија, Хекуран Дука е новиот градоначалник на Дебар.
Тој на денешните избори освоил над 400 гласови повеќе, наспроти неговиот против кандидат Арбен Аголи, од Алијансата за Албанците.
Дука се заблагодари на дадената доверба и вети дека ќе биде градоначалник на сите граѓани независно од етничка, верска или партиска припадност, онака како што не правел разлика во давањето лекарска услуга.
Мојата канцеларија ќе биде отворена за секого, независно дали гласал или не за мене. Ние сме сите дебарчани и сите му посакуваме добро на нашиот град и општина. Ветувам дека максимално ќе се заложам да ги реализирам сите мои ветувања,со цел да ја намалиме миграцијата на младите и да го претвориме Дебар во европски град. Од срце ви благодарам на сите, рече Дука.
Тој е вршител на должноста градоначалник на Дебар.
Во Дебар се спроведоа предвремени локални избори за градоначалник, поради смртта на Ружди Љата, кој по кусо и тешко боледување почина на крајот од ноември минатата година.
Comments are closed for this post.