Двајцата кандидати за претседател, Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова, се на ставот дека граѓаните треба да излезат на гласање на 8 мај, кога треба да се одржи вториот круг од претседателскиите избори. И двајцата се оградија од повиците за бојкот.

На дебатата на „Клик плус“ на телевизија 21, Силјановска-Давкова вчера рече дека е антиевропски чекор доколку не се случи потребната излезност од 40 проценти во вториот круг од претседателските избори, а Пендаровски рече дека мора да се почитува Уставот, иако смета дека не би требало да има долен праг.

Доколку не се случи излезноста од 40 проценти, тоа ќе биде уште еден антиевропски чекор, бидејќи Венецијанската комисија и ОБСЕ/ОДИХР по најмалку четири мислења велат дека е тотално нелогично во вториот изборен круг да имате цензус од 40 отсто оти кога одат двајца, еден треба да биде избран со релативно мнозинство, посочи Силјановска Давкова.

Таа додава дека пораките за бојкот воопшто не се во духот на парламентарната демократија.

Некои пораки што ги слушаме за бојкот, воопшто не се во духот на парламентарната демократија, туку се наспроти парламентарната демократија, бидејќи јасно е дека овие 40 проценти туркаат во политички пазар, во уцени, во спогодби, а ние кандидатите бараме граѓаните да кажат дали сме за претседател подобни и соодветни, појаснува Силјановска Давкова.