Најдоцна до четврток до полноќ треба кандидатите за претседател на државата да ги достават кандидатурите до Државната изборна комисија (ДИК). За официјализирање на претседателската кандидатура потребно е кандидатите да достават 10.000 граѓански или 30 пратенички потписи.
Кандидатурата со собраните потписи вчера ја поднесе Блерим Река, кандидат од албанската опозиција, а до крајниот рок се очекува тоа да го сторат и Стево Пендаровски, кандидат на СДСМ и коалицијата и Гордана Слијановска-Давкова, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
Државната изборна комисија треба во рок од 48 часа од доставувањето, да ја потврди кандидатурата, а доколку има неправилности, истата се враќа, по што во рок од 48 часа треба да бидат отстранети неправилностите.
Кампањата за претседател на државата почнува на 1 април и ќе трае до 19 април по што следува изборниот молк. Првиот изборен круг за шестите претседателски избори е закажан за 21 април, а вториот ќе се одржи на 5 мај. По кој реден број ќе се најдат кандидатите, ДИК ќе утврди на 25 март со ждрепка.
Comments are closed for this post.