Транспаренси Интернешенел и Државната комисија за спречување на корупција ги презентираа денес наодите од мониторингот за корупцијата во вработувањето во јавниот сектор, со посебен фокус на непотизам, кронизам и клиентелизам.
Според Слаѓана Тасева, мониторингот се однесува на спроведувањето на 40 препораки дадени од нив во оваа сфера, посочувајќи дека заклучокот е прилично позитивен, бидејќи вкупно 47 отсто од препораките се почнати со спроведување. По сегменти, околу постапките за вработување 74 отсто од препораките се започнати со делумно имплементирање, додека во однос на стручноста и компетентноста на кадрите во јавната администрација имплементирани се само 25 отсто од препораките, препораките за постапките за именување директори и членови на надзорни одбори се спроведени 50 отсто, а најмалку се исполнети препораките за контролните механизми – само 15 проценти.
Од анализата на објавените огласи за вработување констатирале дека во овој мониторинг период имало зголемен број на огласи, но не можеле да заклучат дека имало и зголемен број на вработувања бидејќи тие поради изборите биле ставени во мирување. За одредени работни места во некои од огласите повторно се барало несоодветно образование или имало преширок опис, а исто така постоела голема разлика во однос на висината на платите за вработените во министерствата и во општините во однос на тие во регулаторните тела, самостојните органи и јавните претпријатија, каде што се значително пониски.
Според Тасева, веднаш од објавување на препораките се забележало постоење политичка волја кај Владата за нивно спроведување, но не постојат конкретни и видливи резултати се уште, бидејќи како што рече реформите се долг процес. Таа посочи на некои позитивни чекори, како донесувањето на етичкиот кодекс за функционерите и предлог законите за вработените во јавниот сектор и за административните службеници.
Нивото на спроведување на препораките се уште е могу ниско, но тоа е очекувано со оглед на краткиот период, рече Тасева.
Генерално, во најавата на онлајн презентацијата, од Транспаренси излегоа со оценка дека „Владата треба да покаже јасна заложба и политичка волја ефективно да ги реши проблемите со политизација и корупција во процедурите на јавното вработување. Судските реформи треба да се зајакнат, како и напорите да се обезбедат еднакви можности во бизнисот. Поблиска соработка со граѓанското општество и Државната комисија за спречување на корупцијата ќе помогне на владата да ги идентификува приоритетните области и моделите на најдобри практики во развојот на интегритетот и отчетноста“.
Comments are closed for this post.