Директорот на градската болница „8 Септември”, Христијан Костов, вели дека вчера немало физички инцидент, туку вербален конфликт помеѓу докторите на Одделот за интензивна нега и роднини на починато лице. Тој демантираше натписи од страна на медиуми кои тврдеа дека имало протест пред неговата канцеларија во болницата.
Пациентот е примен вчера во 14 часот. Од страна на дежурната екипа на болницата беше спроведена целата потребна дијагностика и третман на пациентот. Но, поради неговата лоша состојба, срцеви проблеми, хронични бубрежни проблеми, ноќта околу 23 часот починал – информираше Костов.
Директорот на болницата потенцираше дека до вербалниот конфликт дошло откако фамилијата била известена за смртта на пациентот. Во тој момент, обезбедувањето повикало полиција.
Немало физичка пресметка, само вербални моменти. Нема конкретни причини. Самата вест дека пациентот починал делува на роднините и во тие први моменти, некои го доживуваат агресивно, а други прибрано. Имаме конкретен записник од страна на полицијата, ако ве интересира во детаљи обратете се во полицијата. Излезе во јавноста дека имало протести. Тоа го демантирам. Персоналот го повикав јас – додаде Костов.
Comments are closed for this post.