Никола Димитров мора да си замине од Министерството за надворешни работи заради морална, професионална и политичка одговорност. Тој го урива угледот и достоинството и ја обесчестува функцијата министер за надворешни работи, изјави на прес-конференција портпаролот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Според Стоилковски, Димитров не ги штити и работи спротивно на националните и државните интереси, што е спротивно на заклетвата дадена во Собранието при преземањето на функцијата, а притоа си дозволува да го навредува македонскиот народ.
Министерството со Никола Димитров претставува најголем срам за Република Македонија. Колку и да му е одбивна нацијата, која ја претставува, колку и да се срами од народот, чиј што министер е, колкава и да му е личната желба да ги поништи, да ги избрише своите корени, функцијата која што, за жал, Димитров ја претставува, не смееше да прифати погазување на националните и државните интереси и прифаќање на сите антинационални условувања, што друга земја му ги наметна, рече Стоилковски.
Според него, министерот за надворешни работи ја поткопал државата и ја довел во подредена положба кон друга држава, што, како што вели, претставува велепредавство и капитулација! Дрскоста на Димитров, додаде, продолжила со неговото последно обраќање во парламентот, кога со лаги се обидел нив да ги протне како прифатливи за народот преку фингираните дебати за уставните промени, наспроти неуспешниот референдум.
Димитров, крајно време е да прифатиш дека твојата домат дипломатија е целосно спротивна и на заклетвата и на функцијата и на националните и државните интереси. Твоето министерување е нанесување срам на државата и на народот. Го навредуваш народот од чии пари земаш плата, уживаш во привилегиите, го школуваш семејството надвор од Република Македонија. И оставка понуди и повторно излажа. Е, сега е време е да си одиш! Република Македонија не заслужува да се срами од својот министер, шеф на дипломатијата, рече Стоилковски.
Comments are closed for this post.