На покана на министерот за надворешни работи Никола Димитров, во официјална посета во земјава престојуваше министерот за надворешни работи на Република Чешка, Томаш Петжичек.
Во фокусот на разговорите помеѓу двајцата министри беше процесот на интеграција во Европската Унија и очекувањето за добивање одлука во јуни годинава за почеток на пристапните преговори со Унијата. Во таа смисла беше поздравен напредокот во делот на домашните реформи и потврдена континуираната поддршка на Република Чешка како еден од најгласните и најактивни поддржувачи на европскиот пат на нашата земја.
Од чешка страна беше поздравен направениот исчекор во однос на нашето членство во НАТО преку потпишувањето на пристапниот протокол, со уверување дека процедурата за негова ратификација од страна на чешкиот Законодавен дом ќе биде завршена во текот на наредните месеци.
На новинарско прашање на кој јазик зборува македонското малцинство во Грција, Димитров напомена дека Договорот од Преспа воведува, врз основа на нашето право на самоопределување, едно разбирање дека идентификацијата со Македонија и македонски значи една работа во оваа земја, а друга работа во Грција.
Министерот оцени дека ова прашање е мотивирано и дека можеби има цел да го урне и да го компромитира, како што рече, овој крупен процес кој целиот свет го нарече не само успех за Балканот, туку и европски и светски успех.
„Договорот зборува за македонскикот јазик како македонски јазик. Чувстувувам и таму и тука тенденција Договорот да се внесе во води во кој тој не навлегува, во малцински прашања. Има напад врз него во Грција дека тој отвора малцински прашања, и има напад овде кај нас, дека тој на некој начин одбегнува такви прашања. Договорот убаво вели дека за тие деликатни прашања нема да се мешаме во внатрешните работи, тоа е важно прашање за грчкото општество и мислам дека во периодот какво прашање сме затвориле и каков ни е контекстот денес ни треба поголема мудрост и зрелост да се фокусираме на тоа што го правиме и што регулира Договорот. Ова, според мене, е мотивирано можеби и грешам и има цел да го урне и да го компромитира овој крупен процес кој целиот свет го нарече не само успех за Балканот, туку и европски и светски успех“, истакна шефот на дипломатијата.
Comments are closed for this post.