Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице поради постоење основано сомнение дека сторило кривично дело – Убиство од член 123 став 1 од Кривичниот законик.
Како што укажуваат досега прибавените докази во постапката, осомничениот, на 28.12.2018 година, на улица „Шарпланинска“ во Скопје со умисла лишил од живот едно лице. Имено, тој ја зел ловечката пушка од куќата на неговиот дедо и го повикал оштетениот да се најдат на одредената локација за да му врати позајмени пари. Кога оштетениот пристигнал со неговото возило, осомничениот му рекол дека парите ги носи со себе, но дека се во валута евро и дека ќе мора да ги заменат.
Притоа на кратко излегол од автомобилот на оштетениот, оставајќи ја намерно отворена вратата на совозачкото седиште, по што ја зел претходно скриената ловечка пушка и испукал еден патрон кон главата на оштетениот. Тој се обидел да ја отвори возачката врата и да избега, но осомничениот испукал уште еден патрон кон неговиот грб, нанесувајќи му тешка телесна повреда која предизвикала смртен исход.
Со оглед на тоа што постојат околности кои укажуваат на опасност осомничениот да се даде во бегство, надлежен јавен обвинител до судија на претходна постапка достави и Предлог за определување мерка притвор на осомниченото лице. Судијата го прифати ваквиот предлог и на лицето му определи мерка притвор во траење од 30 дена.
Според информациите од МВ поднесена е кривична пријава против С.Т.(25).
„На 28.12.2018 година околу 21,30 часот на улица „Шарпланинска“ во Скопје, по претходно договорена средба, пријавениот со пушка „Црвена застава“ испукал два патрона во Н.Д.(38) од Скопје, кој седел во патничко моторно возило „Фолксваген пасат“ и го убил. Пријавениот потоа ја ставил пушката во возило „Пежо 106“, со кое бил дојден, и го напуштил местото на настанот. Пријавениот појаснил дека во неколку наврати, од Н.Д. земал пари, а по претходен договор, требало на 28.12.2018 година во 21,00 часот да му врати дел од парите. По кажување на пријавениот, Н.Д. во два наврати (22.12.2018 и 27.12.2018) му упатувал закани доколку не ја врати сумата на пари, како што претходно се договориле. Пријавениот С.Т. е лишен од слобода, соопштуваат од МВР.
Comments are closed for this post.