Во Кривичниот суд во Скопје за денеска се закажани нови рочиште за предметите „Таргет-Тврдина“, „Т.Н.Т.“ и „Тарифа“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

Во предметот „Таргет-Тврдина“ на СЈО обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски, Никола Бошкоски, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директорот на УБК Сашо Мијалков, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.

На обвинителна клупа денеска треба да седнат и поранешниот генерален директор на АД „ЕЛЕМ“  Дејан Бошковски и уште две други лица, кои се обвинети во случајот „Тарифа“. Станува збор за обвинение за противзаконска набавка на софтверски систем за потребите на државната компанија „Електрани на Македонија“ вреден околу четири милиони евра.

Во судот за денеска е закажано рочиште и за предметот „Т.Н.Т“, за уривањето на станбено-деловниот комплекс „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски. За предметот „Т.Н.Т.“ меѓу обвинетите се и поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, како и поранешниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски.

Според обвинението на СЈО, обвинетите во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски