Демократија во Македонија, слобода за уставобранителите. Под овој слоган денеска во 11 часот, почнувајќи од Владата завршувајќи со марш до Собранието, ќе се одржи протест, во знак на поддршка за осудените за настаните од 27 април во Собранието.
Поддршка на протестот даде ВМРО-ДПМНЕ.
Правдата не смее да биде слепа. И еден ден во затвор на неправедно осуден е тежок како година. Македонија не смее да ги заборави своите синови. Слобода за уставобранителите и поддршка на општонародниот протест, напиша лидерот Христијан Мицкоски на фејсбук.
Александар Пандов синоќа во гостување на Сител рече дека партиска е само поддршката, а не и организацијата.
Тие луѓе никако не се терористи, осудени се врз основа на лажно сведоштво. Тие не бараат милостина, не бараат амнестија, туку фер и правично судење. Утре на протестот ќе се прочита Декларација со која ќе се побара правично судење за уставобранителите да може да се изборат за правда, истакна Пандов.
За влезот во Собранието, судечкиот совет предводен од судијката Добрила Кацарска пресуди вкупно 211 години затвор за обвинетите во овој случај. Апелација подоцна ги намали казните, но за само една и две години. Единствен ослободен од вината беше Игор Дурловски, со чија изведба на македонската химна денеска ќе започне овој протест.
Поддршка за протестот стаса и од Никола Груевски, а СДСМ соопшти дека всушност тој стои зад овие протести.
Comments are closed for this post.