Со вечерната богослужба на Велјасреда завршуваат великопосните богослуженија, а продолжуваат посебни богослужби, со друг состав и со особено значење. До Велјасреда во богослужбените текстови има поттик за плач на луѓето заради својата грешност, а од Величетврток започнува поинаков плач на верниците – плач од глетката на ужасните страдања, мачења и распнување на Христа Спасителот.
Тогаш се испомешани чувствата на плач и радост – плач за маките на Христа, а радост поради нашето спасение и благодарност кон Бога. Таа неопислива промена на чувствата ги возбудува срцата на верниците и ја исполнува душата. Тоа е време со наплив од горки и радосни чувства, умилителни и животворни молитви, богољубивост и црквољувие.
Богослужбите нè пренесуваат кај настаните во Ерусалим, на Елеонската Гора, на Сион, во Гетсиманија, по Патот на страданијата, на Голгота и во градината на Јосифа од Ариматеја – во неговата гробница. Таа непроценлива можност ни ја даваат овие дни, кога можеме постојано да се молиме и да созерцаваме за тоа. Ние тогаш сме со Господа и учествуваме во сите собитија, со мислите, со срцето и со душата.
На Величетврток се одбележуваат настаните што се случиле пред да тргне Спасителот на доброволните страданија. Во овој ден си спомнуваме за Тајната вечера и сè што се случувало тогаш подготовката, миењето нозе на апостолите, поуката за смирението и братољубието, посочување на предавникот и излегувањето на Јуда од вечерата, востановување на Светата евхаристија, најава за Петровото одрекување, Прошталната беседа на Христа со 11 апостоли, завршувањето на Тајната вечера и излегувањето од Ерусалим кон Елеонската Гора – во Гетсиманската Градина.
+ + +
Величетврток е денот на Тајната вечера. На овој ден се повикуваат верниците на причест, затоа што на Величетврток е востановена Светата причест, на Тајната вечера. Тоа е Празникот на причеста. Тогаш, од рацете на Господа Исуса Христа директно ја примиле причеста светите апостоли и во тој спомен е овој ден на причеста. И во пофалната песна за Богородица, која се пее на литургијата (место Достојно…) се повикуваат верниците на Христовата вечера на бесмртната трпеза. А, место Херувимската песна, денес се пее за Тајната вечера, се изобличува Јуда, а се воспева благоразумниот разбојник.
Евангелските текстови ги опишуваат сите тие настани, а светите отци и учителите на црквата ги разјаснуваат и толкуваат, низ своите поуки и текстови. Четивата од овие случувања се поразителни, трогателни и многу чувствени, а мислите се насочуваат кон Бога и Неговата преголема жртва за нас. Тоа е изразено и во богослужбените песни и во молитвите.
Ние сме внесени во тоа и созерцателно ги предаваме нашите мисли, чувства и волја на Бога. Да бидеме со Него во последните мигови на страданијата, да бидеме Христови сострадалници, во сета скрб, мака и страдание. Такво треба да биде нашето христијанско срце – сочувствено и сострадално.
А кој е тој Страдалник? За кого страда? Зошто трпи? Што згреши за да биде мачен и распнат?
Христос, Безгрешниот спасител на светот, страда заради нас грешните, доброволно – од љубов кон нас. Ние, пак, треба да покажеме побожност и благодарност. Да не бидеме предавници како Јуда и отстапници од Господа, ниту богопротивници како оние што му судеа на Бога, туку да се поклониме пред долготрпеливиот Господ и Спасител, Исус Христос.
+ + +
На Величетврток, на крајот од литургијата (по замвонската молитва), се извршува чинот: архијерејското миење на нозете на 12 свештеници, кои ги претставуваат 12 апостоли на Тајната вечера. За тоа време се читаат текстовите од евангелијата, кои говорат за тоа како Христос им ги измил нозете на апостолите, почнувајќи од Јуда, за да не рече дека го запоставил, па затоа го предал и завршувајќи со Петар, којшто се пофалил дека и сите да се одречат од Него, тој нема тоа да го направи, а уште ноќта трипати се одрекол од Христа.
+ + +
Осветувањето миро се извршува на литургијата на Величетврток. Со осветеното миро се извршува светата тајна миропомазание по кршевањето, се осветуваат цркви и антиминси.
+ + +
На Величетврток се прави и општо маслоосветување, кое е различно од светата тајна елеосвештение. Ова маслоосветување се употребува за помазување здрави, а елеосвештението се извршува над болни луѓе, за да оздрават. Освен присутните во храмот за време на општото маслоосветување, со него се помачкуваат верниците през целата година, а по манастирите, на Величетврток ги помачкуваат со него и ѕидовите од монашките ќелии.
Тоа се прави за зачувување на здравјето: духовно и телесно и во знак на покајанието. Елејот е симбол на Божјото милосрдие – елеј на радоста и покајанието. Симбол на проштевањето. Маслоосветувањето се прави на Величетврток затоа што во овие свети денови сите христијани треба да се каеме и да се помачкаме со маслото на покајанието, а Бог ќе ни ги прости гревовите, како што ѝ простил на жената грешница која го помазала Господа. Со овој осветен елеј, порано, на Величетврток ги помазувале огласените, кои биле подготвени да се крстат на Велигден.
+ + +
На трпезата е разрешено масло и вино. Постот на Величетврток се ублажува и, според правилото, се допушта да се јаде зготвено со масло (зејтин) и се пие вино, до три чаши во денот. Традиционалниот пост, пак, во народот задржал постење строг пост и во овој ден, што не е забрането, но не е задолжително, бидејќи може да се јаде со зејтин.
Црковното предание и нашата стара традиција уредиле на Величетврток, рано наутро, пред изгрејсонце, да се вапсуваат првите велигденски јајца.
Comments are closed for this post.