Не!-беше краткиот и дециден одговор на директорот на Фондот за здравство, Ден Дончев, на прашањето на Пресинг Тв дали (не)постои барем и хипотетичка можност да го рекетирал сопственикот на фирмата „Диамед“, еден од концесионерите за вршење дијализа во државата.
Прашањето уследи при кратката средба кога Дончев ја напушташе Владата, по завршувањето на средбата со новинарите на која тој ја презентираше хронологијата и делови од, како што рече, штетниот договор, што претходната власт го потпишала со двајца концесионери за вршење дијализа во центрите во Македонија.
Ниту Владата, ниту Министерството за здравство, ниту Фондот не ја спречи купопродажбата на фирмата „Диамед“ на шведската фирма „Диаверум“. Писмата, што се испратени до нив беа со намера да ги предупредиме дека се можни последици за нив, зашто укажавме дека станува збор за крајно неповолен договор за државата, изјави на средбата со новинарите Ден Дончев.
Директорот на Фондот за здравство на неколку конкретни прашања дали го познава Зоран Милески-Кичеец се обиде да избегне директен одговор, па дури на четвртото прашање изјави:
Го познавам само од телевизија.
Дончев не беше сигурен дали во писмото од јануари 2017 година до шведската фирма ги известува дека против македонската фирма, што сака да ја купи-„Диамед“, се води предистражна постапка или, пак, надлежното обвинителство веќе водело конкретна истрага. Отсуството на конкретен одговор, ги отвара сомневањата како Дончев знаел најмалку седум месеци порано дека против „Диамед“ ќе се води истрага!
На средбата со новинарите директорот на Фондот за здравство посочи дека нема да дозволи аферата „Рекет“ да добие свое продолжение во „Рекет 2“ и оти многу брзо ќе се знае дали, како што рече, уште еднаш измамниците ќе се претворат во жртви.
Дончев беше дециден дека немало обид да се спречи купопродажбата на „Диамед“, тека тврдењето на Вера Иванова е небулоза, оти единствен добитник во ситуацијата е токму Иванова и, конечно, дека сите странски инвеститори се добредојдени во земјата.
„Диамед“ има склучено договор за концесија со минатата власт на период од 20 години, со кој, меѓу другото, се предвидува во случај по било кој основ тој да се раскине, државатаќе мора да плати обесштетување од 28 милиони евра. Од друга страна, пак, единствена обврска на концесионерот е на здравствената установа да и плаќа месечена кирија од 7.500 денари или 125 евра. Клучниот проблем, според Дончев, е што и покрај истрагата на обвинителството се уште не се знае кое име и презиме стои зад панамските фирми, кои се споменуваат во целата шема купопродажни договори на фирмите „мајка“ и „ќерки“ на овој концесионер.
За 20-годишниот концесиски договор фирмата од државата треба да добие околу 200 милиони евра, а до декември 2018 година нејзе од страна на Фондот и се исплатени 42 милиони евра.
Новинарот Бранко Героски пред некој ден објави текст во врска со сето ова во кој навести нова афера, што веќе ја именуваше како случај „Рекет 2“.
Comments are closed for this post.