Во Кривичниот суд во Скопје денеска започна судењето на Бесир Беља и Скендер Демири, обвинети за убиство на дваесетгодишниот Никола Саздовски од навивачката група „Комити“.

Адвокатот на обвинетите, Насер Рауфи, на почетокот на денешното рочиште инсистираше расправата да биде снимана тонски и визуелно. Претседателката на судечкиот совет Даниела Алексовска Стојановска побара техничка асистенција и го овозможи тоа.

Според обвинителниот акт, Беља и Демири заедно со Ј.Љ.(19), кој е во бегство, на 29 јуни годинава крвнички го претепале Саздовски на автобуската постојка пред фабриката Алкалоид на булевар „Александар Македонски“ во Автокоманда. Тие му пристапиле на Саздовски  и му побарале лична карта. Откако им ја покажал неочекувано започнале заедно истовремено да го удираат со боксови во пределот на главата и градите, нанесувајќи му тешки телесни повред, од што паднал во кома. Од здобиените повреди Саздовски на 9 јули почина на Клиника за анестезија, реанимација и интензивно лекување-КАРИЛ во клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

Основното јавно обвинителство за смртта на Никола Саздовски, тројцата обвинети ги гони за кривично дело „убиство на свиреп начин“.

Двајцата од напаѓачите, Бесир Беља и Скендер Демири, се во притвор во затворот „Шутка“, а за третиот осомничен кој се уште е недостапен распишана е домашна и меѓународна потерница.

Демири и Беља обвинети за убиството на 20-годишниот член на навивачката група „Комити“, Никола Саздовски, на денешното прво рочиште се изјаснија како невини за делото „убиство на свиреп начин” кое им се става на товар.