Откако вчера се појавија информации дека ДИК среде избори донеле одлука да важат и оние гласачки ливчиња на кои ќе нема печат, првиот човек на Комисијата Александар Даштевски вели дека нема никакви измени.

Се останува по старо. Останува на сила одредбата дека е задолжителен печат на гласачкото ливче -уверува Даштевски за „Република“.

(фото: МИА)

Државната изборна комисија (ДИК) денеска на седница изгласа поништување на вчера донесената измена на Упатството за важечки и неважечки ливчиња. Претседателот на ДИК Александар Даштевски и членот на Комисијата Борис Кондарко објаснија дека оваа измена на Упатството произлегла од пресудата на Управниот суд за избирачкото место во Шуто Оризари и каде судот констатира дека е недозволиво поради пропусти на избирачкиот одбор односно не ставање печат, гласачките ливчиња да се прогласуваат за неважечки.

– ДИК на вчерашната седница не го отстрани ставањето на печат на гласачкото ливче. Ставањето на печат на гласачко ливче е задолжително согласно со член 109 став 2 од Изборниот законик. Со тоа секој член на избирачкиот одбор кој работи со гласачките ливчиња задолжително треба да стави печат на гласачкото  ливче на местото предвидено за печат. Ваквата измена на Упатството за примена на член 110 од Изборниот законик произлезе од пресудата на Управниот суд каде што меѓудругото се вели: во таа смисла недозволиво е поради пропусти направени од членови на избирачкиот одбор гласачите кои гласале и ја изјавиле својата волја на гласањето, нивните гласачки ливчиња кои немале печат да се сметаат за неважечки“