Судијата Дарко Костадиновски е избран за нов претседател на Уставниот суд на Република Македонија, информираат денеска од Судот.
Од Уставниот суд додаваат дека повеќе информации во врска со изборот на Костадиновски ќе бидат соопштени во текот на денот.
Претходно Уставниот суд во повеќе обиди не успеа да избере претседател.
Вчера беше последниот обид во кој судот не успеа да избере наследник на Добрила Кацарска чиј мандат заврши на 2 јуни. Судијката Ана Павловска-Данева денеска ја повлече кандидатурата со цел да не се доведе државата во уставна криза, а нејзината противкандидатка Татјана Васиќ Бозаџиева не го доби потребното мнозинство по што уставните судии гласаа за судијата Осман Кадриу, кој исто така не го доби потребното мнозинство.
Од Уставниот суд информираа дека судијката Васиќ-Бозаџиева во сите гласања во коишто била предложена добила пет гласа. Исто толку гласа во осмото гласање добил и судијата Кадриу.
Постапката за избор на претседател на Уставниот суд продолжува согласно членот 7 став 4 од Деловникот на Судот, според кој доколку кандидатот не го добие потребното мнозинство, постапката за избор на претседател се повторува, појаснија од Уставниот суд.
Причината за поделеноста на гласовите, од Уставниот суд ја објаснуваа со тоа дека судиите гласаат по сопствено убедување и дека гласањето „за“ или „против“ е нивно лично убедување.
Comments are closed for this post.