Кога зборуваме за личноста на Гоце Делчев, тука се судираат доста спротивставени тези, вели во интервју за софиски „24 часа“, доцент Данаил Вачков, директор на Институтот за историски истражувања при БАН и член на бугарскиот дел од Заедничката мешовита македонско-бугарска комисија за прашања од историјата и учебниците.
Од една страна, според него, бугарската историографија категорично не го поставува под никакво сомневање бугарското потекло на Гоце Делчев.
За тоа имаме исклучителни докази. Многу спомени за него пишувани од неговите соборци исто така го одразуваат неговото неспорно бугарско потекло. Од таа гледна точка, за нас тоа не може да буди никакво сомневање. Колегите од Република Северна Македонија „летаат„ со дреуг авион. Таму акцентот се става на неговиот исклучителен ангажман со делото за автономна Македонија. Неговата борба за самостојна Македонија создава можности за различни интерпретации, вели Вачков.
Тој додава дека Гоце Делчев и Македоно-одринската револуционерна организација за своја цел секогаш ја издигале автономна Македонија и оти бугарските историчари се обединети околу тезата дека тоа бил еден тактички потег, што претставувал дел од крајниот процес во даден момент автономна Македонија да ја повтори судбината на Источна Румелија и да се присоедини кон Бугарија во момент кога меѓународните околности ќе го дозволат тоа.
Некои од дејците на организацијата, но не сите, во своите спомени исто објавуваат дека тоа била една од основните цели. Немаме докази Гоце Делчев официјално да изјавил дека тоа била крајната цел. Треба да одбележиме дека од некои дејци на организација, меѓу нив и Гоце Делчев, автономна Македонија се разгледувала како чекор кон идна балканска федерација. Уште од ерата на Бугарската преродба и потоа, идејата за балканска федерација е доста раширена и затоа таа се споделува и од револуционери на Македоно-одринската револуционерна организација, нагласува Вачков.
Тој додава дека разговорите за Гоце Делчев не се лесни и оти тука навистина може да се коментира и интерпретира што точно се подразбира од некои дејци под борба за самостојна Македонија.
Comments are closed for this post.