Дали започнатите уставни измени согласно Договорот од Преспа може да бидат запрени. Тоа ќе биде возможно доколку задутре Уставниот суд ја прифати иницијативата за оспорување на одлуката за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија, бр.08-6054/1, донесена од Собранието на Република Македонија на 19 октомври 2018 година.
Поднесени се две иницијативи, едната е на Светскиот македонски конгрес а другата е од приватно лице од Свети Николе чии идентитет судот не го открива.
Деветте уставни судии имаат три можности, да ја отфрлат иницијативата, да ја поништат одлуката за отворање на уставните измени, или пак да донесат привремена мерка до одлучување со што се суспендираат сите дејства.
Тоа би значело дека Собранието треба веднаш да ја запре постапката на утавните измени која е во тек.
Но, судејќи според расположението на уставните судии кога тие ја отфрлија иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за распишување на референдум, донесена од Собранието на Република Македонија на 30 јули 2018 година, малку е веројатно дека тоа ќе се случи.
Тогаш за отфрлање на иницијативата гласаа седум уставни судии, а за беа двајца.
Светскиот Македонски конгрес во 47 страни наведува зошто бараат од судот да да ја поништи оваа одлука.
„Прифаќањето на оваа иницијатива за поништување на одлуката за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија со привремена мерка до одлучување, значи крај на еден ретрограден процес што ја демонтира државноста на Македонија и проектира нова држава „Северна Македонија“, како територија без народ и историја под протекторат на Грција. Со одлуката за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија евидентно е флагрантното кршење на Уставот и законите на државата Македонија и на меѓународното право.“
Процедурата за уставни измени е дојдена до втората фаза, а според спикерот Џафери за конечно менување на Уставот и промена на името во „Република Северна Македонија“ ќе се гласа на 15 јануари.
Процесот потоа се сели во грчкиот парламент кој доколку не го изгласа Договорот од Преспа уставните измени нема да важат.
Comments are closed for this post.