Институциите и партиите молчат, а политичката чаршија врие. Откако стигнаа пресудите за првостепено осудените за настаните од Собранието на 27 април, се погласно се говори дека власта има идеја да ги амнестира и нив и осудените за Диво Насеље, ставајќи ги во ист кош.
Индикативно е што за ваквата идеја се шпекулира по објавувањето на „бомбите“ за функционери на ДУИ, од страна на кичевецот Ахмеди Шеќерим или во јавноста познат како ЕЛ Чека.
Ел Чека, пред извесно време посочи дека „бомбите“ ги објавува по наредба од осудените од Диво Насеље кои добија 40 години или доживотен затвор и сега бараат меѓународна истрага. Преку социјалните мрежи каде ги објавува нелегално прислушуваните раговори го предупреди премиерот Заев да внимава на осудените за овој случај. Објави дека наводно добивал информации од вработен во скопското обвинителство дека се подготвува нешто против затворениците од случајот Диво Насеље.
Пресинг ТВ побара одговор од Владата дали таму се подготвува законско решение со кое би се амнестирале осудените за тероризам.
Во Владата на Република Северна Македонија не постои таква иницијатива“, ни одговорија од владината прес-служба.
Побаравме став и од портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, но одговор не добивме, а прашањето беше:
Добивме информација дека се подготвува Закон за амнестија за осудените во случајот Диво Насеље и за 27 април. Ваш став како портпарол на ДУИ?“.
Во Мала Речица молк. Покрај Османи се обидовме да добиеме одговори и од други партиски функционери, но никој не е дециден во отфрлањето на шпекулациите.
Од каде излегуваат бомбите кои ги објавува Ел Чека, дали од СЈО или од СДСМ? Кој му ги дава и дали се користат за уцена и повлекување на поеднци од раководството во ДУИ?
Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева неодамна рече дека не може да гарантира дали овие материјали кои се појавуваат на профилот на Ел Чека се од кај нив. Еден ден подоцна Обвинителството кое таа го води ја демантираше, со соопштение за нејзино дообјаснување во кое беа децидни дека тие не се СЈО.
„Сите „бомби“ стопроцентно се предадени во Специјалното јавно обвинителство, изјави премиерот Зоран Заев“, прашан дали може да гарантира дека бомбите не се излезени од СДСМ.
Посочи дека „бомбите“ во најголем дел се однесувале на опозицијата, граѓанскиот сектор, бизнисмените, верските заедници и другите чинители, како и за тогашната власт.
Досегашната политичка пракса покажува дека таму каде што има чад има и оган и останува да се види како натаму ќе се размотува клопчето и колку во шпекулациите има вистина.
Инаку закон може да предложи Владата или пратениците.
Предраг Димитровски Бојана Димитријевска
Comments are closed for this post.