На почетокот на месецов како „бомба на Заев“ беше објавена веста дека германски гигант решил да инвестира во Македонија, а потоа дури беше објавено дека тој гигант е ни малку ни повеќе туку „фолксваген“.
Премиерот Зоран Заев на Алсат М пред една недела најави: „За 6 месеци во земјава ќе дојде голема германска компанија со инвестиција од над 100 милиона евра! Засега не го кажувам името, но ќе се дознае“.
Потоа некои медиуми лицитираа со името на гигантот, а дел од нив како сигурна ја пласираа информацијата дека „бомбата“ е фабрика на „Фолксваген“ и дека инвестицијата ќе биде тешка 150 милиони евра.
Пресинг ТВ пред една недела испрати неколку прашања до седиштето на компанијата во Германија, а денеска писмено ни одговорија со германска љубезност „дека се извинуваат што биле спречени порано да ни одговарат“.
„Ви благодариме на вашиот интерес за изборот на локацијата на новата мулти бренд фабрика на Групата ВФ. За локацијата не е донесена формална одлука. Ќе издадеме соопштение за јавноста кога одлуката ќе биде донесена“, се вели во одговорот на Лесли Ботхге, портпарол на ВФ за продажба и производство.
Инаку, за новата фабрика на „фолксваген“ во трка се повеќе земји, меѓу кои Србија, Бугарија и Турција, од нашиот регион, а во игра била и Романија. Турција и Романија веќе произведуваат голем број автомобили, а Анкара е на старт на проект за производство и на сопствен бренд.
Според информациите на интернет, за кои „фолксваген“ официјално не сака да зборува, едно од прашањата на Пресинг ТВ беше токму и за тоа. Во “Фолксваген“ не сакаа да одговорат ни дали е точно дека Македонија Србија, Бугарија и Турција се во трка за новата локација на германскиот гигант.
Дали Меркел навистина може да помогне?
Инаку, премиерот Заев на прес-конференција одржана на 12 јануари годинава рече дека се лобира за влез на голема инвестиција за која се бара локација во регионот.
„Во најави се неколку фабрики – дел ги соопштивме. Јас верувам дека јануари, февруари и март ќе имаме објави на нови инвестиции пред се странски. Првата странска германска инвестиција најверојатно ќе биде објавена до крајот на јануари додека тие не донесат одлука тоа да го направат. Утрово имав разговор со г-динот Јан Хекер, советник во Кабинетот на канцеларката Ангела Меркел, кој ги пренесе честитките и слично и веднаш лобиравме за една огромна инвестиција којашто овде во регионот бара локација, Македонија, Србија, Бугарија. Се надевам ќе ги привлечеме овде. Канцеларката Меркел сака да помогне и на економски план да почувствуваат граѓаните“, рече тогаш Заев.
Comments are closed for this post.