Какво ни е здравството, подобро нека не служи здравјето. И порано сме можеле да се увериме дека македонското здравство е на смртна постела, но изгледа овојпат е во терминална фаза. Што се случува во светот на белите мантили? Пари во Фондот има, но лекови нема, кадарот се одлева, синдикатите штрајкуваат, ни умираат пацинети.
Со доктор Игор Николов од Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ зборуваме за состојбите во македонското здравство.
Што претставува ФЗОМ во здравствениот систем? Што му се случува во моментов?
Николов: Фондот за здравство се јавните пари, парите на осигурениците кои ги изделуваат од секоја плата. Со тие пари државата го чува јавното здравје. Здравствениот систем се состои од три столба: приматели на услуги, осигурениците, даватели на услуги, лекарите и некој којшто ги плаќа тие услуги. Многу е важно да функционира ФЗО, затоа што со тоа се остваруваат правата на осигурениците, објаснува д-р Николов зошто е многу важно да се обезбеди соодветна и навремена заштита на Фондот.
Што значи да се пролеат личните информации на болен од срцеви заболувања, од карцином или пак од ХИВ? Кој може да има корист и каква корист може да има од овие податоци?
Николов: Доколку лекарската тајна биде пробиена, се загрозуваат човековите права. Бидејќи последниве две недели се случува некаков хакерски напад, за кој не знаеме дали се пробиени само податоците за исплатата на трошоците на пациентите кон здравствениот систем, или и нивните дијагнози, односно медицински истории за што се направени тие трошоци, се отвора прашањето дали е загрозена медицинската тајна на осигурениците. Сетоа тоа отвора многу етички прашања. Да се дознае медицинската тајна на пациент кој можеби е болен од ХИВ, можеби има хепатит Б, да се дознае медицинската историја на жени, на мажи, можат да имаат многу последици врз социјалното живеење. Не знаеме дали се загрозени човековите права и дали се преземени овие податоци, но со овој молк кој траеше повеќе од две недели и со прочитаното објаснување во кое директорката бегло ни објаснуваше дека усепале да го победат хакерот, не се создава доверба дека нешто е заштитено.
Потребно е да понесат одговорност, веднаш да поднесат оставки двајцата директори, доколку не можат тие да поднесат оставки, потребно е да поднесе оставка тој што ги донел на тие позиции, затоа што се работи за несериозен пристап, затоа што има некомпентентен пристап и несериозно, бахато однесување.
Информациите што ги добиваме за нападите на системот се процедени и отвораат можност за многу шпекулации. Никој не знае што точно се случува, само нагодуваме. Дури вчера владата усвои сет мерки за подобрување на безбедноста на информациските системи кои ќе се имплементираат во најкраток рок. Колку доцниме?
Николов: Некому здравјето да му зависи од итна медицинска интервенција и ние да чекаме две недели некој да поднесе сет на мерки за заштита. Дали досега имале сет на мерки и зошто досега не биле активирани, трба да прашаме. Ние континуирано сме бомбардирандека има некакви сајбер напади, зарем мерките требаше да се преземат откако се случи белјата? Зарем требаше да се мобилизираме да набавиме лекови откако имаме жртви поради недостигнот на тие лекови. Мора да има сериозен пристап во здравството, а јас тоа не го гледам.
Пациентите кои се лекуваат болнички не можат да платат за услугите. При исписот потпишуваат изјави дека ќе се вратат да платат кога ќе проработи системот. Кој ќе им ги надомести трошоците на пацинетите кои не се од Скопје? На кој начин клиниките ќе си ги покријат трошоците додека да се среди системот?
Николов: Токму тоа е прашањето. Кој ќе им го плати повторното доаѓање во Скопје на пацинтите? Дали тие трошоци ќе бидат покриени од Фондот? Тие дополнителни трошоци повлекуваат дека некој трба да преземе одговорност. Луѓето беа зачудени од изјавите што треба да се потпишуваат.
Во месецот кога ги запознаваме ретките болести почина пациент со цистична фиброза. По низа префрлања на вината меѓу премиерот, министерот за здравство, министерот за финасии и Фондот, се дојде до половично решение. Што значи одлуката на Малмед дека издава одобрение за увоз на лекот „трикафта“? Ќе го добијат ли лекот сите заболени? Кога ќе се гласа за измените на потребните закони за да им се овозможи лекување на овие пациенти? Дали ќе гласате?
Николов: За жал во месецот кога сите здравствени работини и пациентите настојуваат да ја зголемат свесноста за ретките болести се случи немил настан, со кој сочувствуваме. Многу е тешко откако ќе се случи немил настан да се преземаат корективни мерки наместо тие да беа преземени претходно. Пациентот се обидивал подолго време да ја мобилизира јавноста. Бил на посета и кај претседателот на државата, каде што му било ветено дека ќе се направи максимум за да се обезбедат лековите. Прањата што се отвораат тука е како и од каде веднаш се најдоа средства, а две години слушавме дека тие средства се многу. Доколку некој сакаше да го реши проблемот, можеше средства да се најдат многу побрзо, а не да се затскриваме зад законски измени кои се уште ги нема ни на повидок. Ги има само најавени во јавноста. Набавката можеше да ја направи директно владата, да биде по брза постапка. Во моментот се остави службите на Клиниката за педијатрија, повторно не владата – клиниките, да ја спроведуваат процедурата, која слушаме ќе биде за 2-3 месеци. Доколку 2-3 месеци се брзо, тогаш што ќе се случеше без да интервенира владата. Овие пациенти ќе беа оставени 6-8 месеци да чекаат За жал, немилиот настана ја забрза работата и тоа не смее повеќе да ни се повторува. И за да не ни се повторува, мора сите сегменти на здравствениот систем да преземат одговорност. Здравјето не е правна процедура. За здравјето не можете да кажете јас имам решение за одмор.
Со години болните од карцином купуваат цитостатици во Србија. Ред понижување – ред бирократија. Но, во Србија пациентите купуваат и антибиотици, чепчиња диазепам, па дури и вигантол за новороденчињата. Дефицитарни се и сирупи за деца, вентолин за инхалации нема во поголемите градски аптеки, па луѓето се организираат на Фејсбук и си праќаат од помалите градови. Не се наоѓа хлоранфеникол маст за очи. Веќе не зборуваме за скапите лекови за ретки болести и цитостатици.
Николов: Се навикнавме на дисфункционалност и таа ни станува навика. Моите трансплантирани пациенти не можат да најдат декортин од 5 мг, не можат да најдат никаков декортин и веќе 6 месеци се прашуваме зошто толку евтин лек мора некој да оди да го купи во соседството. Да биде изложен на дополнителни трошоци. Никој не одговара на тоа прашања ниту се обидува да спроведе корективна мерка за тоа да се коригира. Има недостиг на карбамазепин, на цела палета евтини лекови. За тоа никој не се секира и не презема мерки. Доколку некој се нафатил да води здравствен систем, мора да биде подготвен да спроведува корективни мерки во од, затоа што во здравството една мала малформација прави големи деформации. Но, тие деформации не се виртуелни, нив ги плаќаат со живот пациентите.
Неодамна во едно интервју рековте дека е потребно да се смени функционирањето на ФЗОМ и МЗ. Како ја замислувате таа промена?
Николов: Функционалноста на ФЗО е бирократско прашање. Јас повеќе би се фокусирал на здравствениот систем. На здравствениот систем му треба значително подобрување на инфраструктурата. Ние имаме здравствен систем во којшто има застарена инфраструктура којашто не може да ги исполни потребите на модерно третирање. Веќе 20 гидини се зборува за клинички центар, а се уште го нема. Готов проект сопственост на РМ, финансиран од ЕБОР е прекинат и тоа доведе да имаме застарена инфраструктира која не може да одговори на потребите. Имаме павилјонски систем во Клиничкиот центар. Кога клиниките би биле под еден покрив, многу полесно би било остварувањето на здравствените процедури. Покрај ова, потребно е да се посвети внимание и на кадровската политика. Ќе биде потребно да се задржат луѓето во јавното здравство. Се повеќе медицински работници се прелеваат во приватното здравство или заминуваат во странство засекогаш.
ФЗО ја нема променето позитивната листа повеќе од 10 години. Последните 5 години не е направена никаква измена на позитивната листа. Формирањето на позитивната листа подлежи на процедура за која последнава владејачка гарнитура ветуваше дека ќе ја олесни, за да добиеме нова позитивна листа, но ни тоа не се случи.
Comments are closed for this post.