Грипот е тешка заразна болест и многу брзо се шири. Оваа сезона лекарите предупредуваа на интензивни симптоми на вирусот на грип и заболувања слични на грип, а пациентите се жалат дека симптомите им траат со недели. Кај грипот има тешка клиничка слика, почнуваат со висока температура, треска, болка по целото тело, мускулите, зглобовите, крајна малаксаност, болка во грлото, а потоа следат симптомите на сува кашлица, која потоа станува и продуктивна. Кај помалите дечиња има и проливи и повраќања, што многу личи на некоја стомачна вироза, но во склоп со другите општи симптоми, сепак, се работи за грип. Во овој период доминира инфлуенца А и Б, а во последно време е повеќе застапен инфлуенца Б. Искуствата на педијатрите велат дека оваа сезона најмалку има ковид-19 или пак тие најмалку го детектирале.
Антибиотиците не помагаат многу за лекување на грипот, но ако на време се даде антивирусен лек, се скратува времетраењето на болеста, вели во интервју за „Република“ примариус д-р Митка Тренчева, специјалист педијатар.
Д-р Тренчева одговара зошто симптомите на грипот стануваат се покомплексни и покомплицирани, дали аерозагадувањето е висок ризик-фактор за пораст на алергиската симптоматологија, кои се препораките за децата кои имаат хронични болести, каде грешат родителите кога бараат антибиотици за лекување на грип и дали и кога е потребно да се вакцинираат децата против грип. Нејзиното искуство говори дека ако на време се даде „тамифлу“, 36 до 48 часа од почетокот на симптомитте, тогаш се скратува времетраењето на болеста. Терапијата трае пет дена и има протокол за дозирање според возраст и тежина на детето.
Дали може да се каже дека помина пикот на грипот? Какви беа симптомите оваа сезона кај педијатарските пациенти?
Д-Р ТРЕНЧЕВА: Општо кажано, грипот е тешка заразна болест којашто многу брзо се шири. Деновиве, кај нас, барем според бројот на пациентите, се уште сме во пикот на болеста, а тоа се случи со враќањето на школските деца во училиштата. Родителите и децата пренесуваат дека училниците се празни, само по неколку деца се на настава. Слична е состојбата и во семејствата каде што има деца кои одат во градинки. Дневно, во нашата ординација, во просек прегледуваме меѓу 70 и 80 деца. Има пикови кои достигнуваа и до 100, 110 деца дневно, некогаш таа бројка се намалува, меѓу 50-60. Точно е тоа дека симптомите за грипот се потешки, за разлика од настинките. Кај грипот има тешка клиничка слика, почнуваат со висока температура, треска, болка по целото тело, мускулите, зглобовите, крајна малаксаност, болка во грлото, а потоа следат симптомите на сува кашлица, која потоа станува и продуктивна. Кај помалите дечиња имаше и проливи и повраќања, што многу ќе личи на некоја стомачна вироза, но во склоп со другите општи симптоми, сепак, се работи за грип. Во нашите испитувања што ги правевме во лабораториите имавме инфлуенца А и Б, а во последно време е повеќе застапен инфлуенца Б. Значи имавме пациенти со тешка клиничка слика, заздравувањето може да трае и до десет дена, некаде и две недели, во зависност од имунитетот и возраста. Секоја година е иста состојбата со грипот, иако оваа година бројките се повисоки. По зимскиот распуст децата се враќаат во училиште и тогаш е пикот. Но, интересно е што оваа сезона нема случаи на ковид-19 или малку го детектираме. Имавме најмногу случаи со инфлуенца А и инфлуенца Б.

Зошто симптомите стануваат се покомплексни и покомплицирани?
Д-Р ТРЕНЧЕВА: Можеби заради околината, аерозагадувањето, начинот на живот, мутација на самиот ген, геномската структура на самите вируси. Обично изолираме барем еден тип, А или Б, а сега се модифицираат. Има напливи на повирулентни соеви. Потоа, циркулираат и други респираторни вируси што се околу 200 и повеќе видови, а меѓу нив најчести вируси, предизвикувачи на настинките кои ‘хараат’ кај малите деца и детето само што ќе заздрави од овие вирусни инфекции, ќе оди во градинка, имунитетот уште не е стабилен, ќе го нападне новиот вирус. И така, на една подлога која уште имунолошки не е стабилна, ќе го нападне и вирусот на грипот и ќе има поизразени симптоми. Кај хроничните болни како што се астматичарите, дијабетичарите, ХОББ, може да јави потешка слика. Аерозагадувањето исто така може да влијае, бидејќи на некој начин прави подлога за развој на потешка клиничка слика, оштетувајќи ја на некој начин слузницата на респираторниот систем и потоа може да се накалемат вируси и бактерии.
Како точно влијае грипот кај хронично болните пациенти и какви се за нив препораките?
Д-Р ТРЕНЧЕВА: Тие развиваат потешка клиничка слика. За хронично болните важат превентивните мерки. Тоа значи да го зајакнуваат имунолошкиот систем, здрава исхрана, умерена физичка активност, да избегнуваат контакт со болни лица, ако биле во контакт, тогаш е многу важна хигиената, миење раце со сапун, да не се шири инфекцијата и да ја земаат редовната терапија. Една од најзначајните превентивни мерки е вакцинацијата, посебно за хронично болните пациенти.
Колкав е процентот на децата кои се вакцинираат против грип? Оваа вакцина не е во задолжителниот календар.
Д-Р ТРЕНЧЕВА: Тој процент е многу мал, говорам за моите педијатриски пациенти. Никој од родителите не побарал неговото дете да се вакцинира против грип. Оваа вакцина најчесто ја примаат повозрасните, над 65 години и оние пациенти кои имаат хронични болести. Одзивот е мал кај педијатриските пациенти, иако е потребно. Можеби е добро да има некоја кампања. Во пунктовите за имунизација може да им се понуди оваа вакцина. Ние уште мака мачиме со МРП-вакцините, ги убедуваме, во градинките не ги примаат невакцинирани. На почетокот имаше голем отпор за оваа МРП. Потребна е соработка меѓу матичните педијатри, вакциналните пунктови и градинките за да се зголеми бројот на вакцинирани. Дури и мала настинка не е контраиндикација за вакцина. Ако е носот растечен, а детето е во општа добра состојба, тоа не е пречка за вакцина.
Дали аерозагадувањето е висок ризик-фактор за пораст на алергиската симптоматологија?
Д-Р ТРЕНЧЕВА: Аерозагадувањето е висок ризик фактор и за инфекции и за ширење на вируси, за населување на бактерии во респираторниот систем, како и за алергиските реакции, бидејќи тие ПМ 10 и ПМ 2,5 честички влегуваат во дишните патишта, ја оштетуваат слузницата на која што потоа се ‘лепат’ меѓудругите и алергени и ќе почнат да се развива респираторна симптоматологија од алергиски тип.
Каде грешат најмногу родителите при лекување на децата кои се болни од грип?
Д-Р ТРЕНЧЕВА: Најважно е прво во семејството дали има некој со слична симптоматологија. Бидејќи грипот е вирусна болест, тука антибиотиците многу не помагаат. Има антивирусни лекови, но ние уште немаме навика да ги препишуваме. Ако детето има грип, треба да се изолира и да ги следат симптомите. Не мора веднаш да дојдат на лекар, првиот или вториот ден, ако детето е во добра општа состојба, да бидат во контакт со матичниот педијатар, ќе им даде насоки, да ја симнуваат температурата ако е над 38, 5, инхалации, да му дадат витаминска поддршка. Многу течности, одмор и ако состојбата се влошува, веднаш да дојдат на лекар. Ако температурата е многу висока, 40 и нагоре, ако не се симнува, ако имаат потешкотии во дишењето, повраќање, тешка кашлица, ако не може да застане на нозе.
Каква е улогата на антибиотиците во третманот на грипот кај децата?
Д-Р ТРЕНЧЕВА: Антибиотиците ги даваме во случај на компликација. Кога имаме пациент со вирус на грип, го следиме секој ден. Денес има брзи методи за докажување на вирусот и тоа многу ни помага во лекувањето, потоа крвната слика ќе ни даде јасен приказ и ако детето е добро на преглед, тоа значи нема потреба од антибиотици. Најчесто, во најголем број случаи и така завршуваат. Кашлицата може да трае подолго и за неа има друга терапија, таа се решава со инхалаторна поддршка. При крајот очекуваме детето да биде добро, но се случува повторно да има покачена телесна температура, влошување на состојбата, претпоставувавме дека можеби се работи за суперинфекција. Тогаш, со нова ревизија на ситуацијата ќе добие антибиотици.

Колку често се јавуваат компликации како пневмонии или други респираторни заболувања како резултат на грипот кај децата?
Д-Р ТРЕНЧЕВА: Колку е помало детето, толку побрзо се симнува инфекцијата на долните дишни патишта, па се јавуваат бронхити, бронхеолити, компликациите се пневомнии, или пак на горните дишни патишта најчесто како компликација на грипот се јавуваат синузити или инфекции на средното уво. Кај поголемите деца добро завршуваат. Оваа сезона можеби симптомите беа поизразени, но помал број беа хоспитализарни, ги ‘фаќавме’ на време. Дававме антивирусни лекови, односно ‘тамифлу’. Си има протокол и дозирањето е според возраста и тежината на детето, иако во пракса не се дава многу често. Тој е антивирусен лек и делува против разложување на вирусот. Од искуство, на оние деца на кои сме им го дале, велат дека го скратува времетраењето на болеста, но за да делува треба да се даде во првите 36 до 48 часа од почеток на симптомите. Терапијата трае пет дена.
Каква е соработката со родителите со педијатрите?
Д-Р ТРЕНЧЕВА: Родителите на малите деца може да кажам дека многу читаат на Фејсбук, ама некогаш читаат и непотребни работи, односно не можат да ги селектираат тие работи што ние како лекари можеме. Затоа, се случува прво кога ќе дојдат и ќе се јават веднаш да се пожалат: Докторке, моето дете има бактерија во носот! Ним им е страшна работа, ама тоа ништо не значи, бидејќи бактериите во носот се нормална појава. Ако детето нема никаква симптоматологија, нема потреба да се лекува.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Александар Ивановски
Comments are closed for this post.