Претседателот на Здржението „Цивил – Центар на слобода“ Џабир Дерала, на третата прес-конференција, по повод референдумското изјаснување, изјави дека од досегашните 113 извештаи добиени од набљудувачите на терен забележани се голем број нерегуларности, од кои повеќето се предизвикани од изборната администрација.
Посочи дека се забележани сериозни проблеми во избирачкиот список, нагласувајќи дека Здружението со месеци предупредувало оти избирачкиот список ќе ја покаже својата неефикасност на денот на гласањето.
Во избирачкото место 1644 во Општина Ресен, домашен набљудувач вршел евиденција на гласачите. Не сакал да се претстави при тоа од која организација е назначен. Најмалку што правел е набљудување на процесот, а забележан е и како ги евидентира гласачите кои доаѓаат да гласаат, истакна Дерала, повикувајќи се на извештаите од набљудувачите на „Цивил“.
Наведе дека во избирачкото место 997 во Куманово граѓанка- пензионерка која 25 години живее на иста адреса, сега ја нема на избирачкиот список. На истото Избирачко место избирачкиот одбор ги чита имињата на граѓаните на глас.
Во гимназијата „Славчо Стојменски“ во Штип на Избирачкото место 2292 дошла граѓанка со оштетен вид на која не и било дозволено да гласа со придружба од член од семејството, туку и бил одреден друг асистент, изјави Дерала.
Информираше дека во Противпожарниот дом во село Црешево во Избирачко место 2548 во општина Гази Баба три лица ги запишуваат на списоци гласачите пред гласачките места.
Во основното училиште „Миѓени“ во Тетово на Избирачкото место 1949 лица во ходникот на училиштетото ги запишуваат гласачите на посебни списоци. На избирачкиот список на истотот избирачко место имало и едно починато лице, посочи Дерала, повикувајќи се на информациите добиени од набљудувачите.
Тој истакна дека во техничкото училиште „Наце Буѓони“ во Куманово на избирачкото место 1065 еден гласач го немало на избирачкиот список, и покрај тоа што тврдел дека на електронската проверка бил на списокот.
Во ОУ „Дедо Иљо Малешевски“ во Берово една граѓанка ја нема на избирачкиот список. Во училиштето „Наим Фрашери“ во Општина Тетово дури пет лица на едно Избирачко место ги нема во избирачкиот список, наведе Дерала.
Тој информираше дека во Штип во месноста Три чешми Избирачките места 2284 и 2289 се во една иста просторија бидејќи второто место е прместено од село Сушево.
Во училиштетото „Ванчо Прќе“ во Штип на Избирачкото место 2295 имало прекин на гласањето поради тоа што набљудувачка се претставила дека е од СДСМ иако на акредитацијата пишувало „домашен набљудувач“, наведе Дерала.
Изјави, повикувајќи се на наводите на набљудувачите на „Цивил“ на терен, дека во основното училиште „Васил Главинов“ во Чаир повеќе граѓани ги нема на избирачкиот список.
На гласачкото место 2300 во Штип еден гласач на набљудувачката на „Цивил“ и пријавил дека гласал без да го скенираат со УВ ламбата, истакна Дерала.
Посочи дека гласач се обидел да фотографира пред училиштетот „Владо Тасевски“ во Скопје при што бил опоменат од полицијата со зборовите „не се секирај господине се е евидентирано и така и така“ .
На Избирачкото место 2176 во Бирото за вработување во Велес набљудувач на Здружение на граѓански политики и иницијативи „ ЕДУЛСЈ“ се појавил видливо пијан на избирачкото место и им додевал на присутните, информираше Дерала.
„Цивил“ упати апел до сите набљудувачи да се придржуваат кон кодексот за набљудување и кон демократските стандарди.
Ги повикуваме институциите да преземат сериозни мерки во текот на денот и да ги спречат нападите врз гласачите од најразличен вид, повика Дерала.
Comments are closed for this post.