Во светот денеска се одбележува 8 март, Меѓународниот ден на жената. Ден на борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите.
Идејата за одбележување на посебен ден посветен на жените потекнува од почетокот на 20-от век, а главен иницијатор беше социјалистичкото движење. Првиот Ден на жената е одбележан на 28 февруари 1909 година во САД. Во 1910 по иницијатива на германската социјалистка Клара Цеткин и под закрила на Втората интернационала во Копенхаген е одржана Првата меѓународна конференција на жените и на неа е одлучено да се прославува Меѓународен ден на жената, но без да биде утврден точен датум. Следната година, на 19 март 1911, овој празник по прв пат е прославен од страна на повеќе од милион луѓе во Австрија, Данска, Германија и Швајцарија.
На сето ова му претходеле масовни протести за пократок работен ден, подобри плати и право на гласање.
Во 1977 година, Генералното собрание на ОН ја донесува одлуката 8 март да биде прогласен за Меѓународен ден за правата на жените и за мир.
Comments are closed for this post.